Националната мрежа бара итна истрага по трагедијата во Богданци
Мрежата бара проверка на сите институционални постапки и брзо донесување на заглавените законски измени.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага по трагедијата во Богданци, каде што беа пронајдени две безживотни тела, а на која ѝ претходела пријава за партнерско насилство врз 17‑годишна девојка.
Мрежата бара целосна проверка на постапувањето на полицијата, обвинителството и социјалните служби
Во соопштението се бара и целосна проверка на постапувањето на полицијата, Обвинителството и социјалните служби, како и одговор на прашањето: дали институциите ги презеле сите неопходни мерки за заштита по пријавеното насилство?
Мрежата потсетува дека по трагичната смрт на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка пред осум месеци беа детектирани системски слабости и дека институциите и граѓанските организации се обврзаа на законски измени, подобра проценка на ризик и координирано постапување меѓу надлежните органи. Наместо тоа, велат од Мрежата, предлог‑измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од август остануваат заглавени во собраниските процедури.
„Особено алармантни се информациите дека дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија како ’премногу прогресивни‘, затоа што во нив се користат поимите родова еднаквост и родово базирано насилство. Да се проблематизираат овие поими додека жените и девојчињата соочуваат со закани и физички напади е недозволиво. Заштитата на жените и децата не смее да биде заложник на идеолошки несогласувања“, стои во соопштението.
Обвинителството соопшти дека првичните индиции за случајот во Богданци укажуваат на убиство и самоубиство. Мрежата дополнително предупредува на опасноста од јавниот говор на одредени јавни личности и политички претставници кои отворено ја оправдуваат машката контрола и го релативизираат партнерското насилство, наместо да дадат недвосмислена осуда.
Мрежата бара и Јавно објаснување од Собранието за статусот на предлог‑измените поднесени во август и конкретен рок за нивно донесување, а од Владата бара информација за усогласувањето на другите закони што работната група требаше да ги подготви по фемицидот на Ивана. Тие инсистираат на итно ставање во процедура на законските измени, без бришење на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.
Во соопштението се бара и јасна одговорност од Владата и од парламентарното мнозинство за спроведување на преземените обврски, итно спроведување задолжителна проценка на ризик и навремени заштитни мерки за секоја пријава, како и јавно и недвосмислено осудување на говорот што ја оправдува контролата и насилството врз жените. Исто така се нотира дека Стојанче Јовановски е осуден на 12 години затвор за насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана.
Фото: прес-материјал од настанот


