Драган Николовски-Даце промовира нов спот: „Мерак живот, балкански“
Спотот ја приказнува љубовта од детството до староста, спојувајќи традиционални мотиви со урбана визуелност.

Популарниот македонски фолк-пејач и вокален солист во ансамблот „Танец“, Драган Николовски-Даце, го промовира новиот видеоспот за песната „Мерак живот, балкански“. Спотот ги носи традиционалните мотиви во современ визуелен израз со цел да ја приближи боемската музика и до помладата публика.
Приказна за цел живот
Видеото ја следи приказната на млада двојка — од првата детска средба, преку младешката вљубеност, па сè до староста исполнета со почит и меѓусебна посветеност. Во центарот е прославувањето на љубовта, дружењето и македонската традиција, обработени на модерен начин.
Во приватниот живот Даце веќе долго време ужива во стабилен брак со сопругата Љупка, и неодамна го одбележаа уште еден заеднички јубилеј. Пејачот често истакнува дека токму семејството му е најголемото засолниште и извор на енергија помеѓу настапите и работата во ансамблот.
За поддршката дома, музичарот отворено рече: "Балансот не е едноставен, но ако партнерот има разбирање и трпение, сè е полесно. Насмевката и прегратката на сопругата кога ќе ми ја отвори вратата во доцните часови враќајќи се од настап за мене е бесценето", беше искрен музичарот.
Гордоста на семејството се нивните два сина, Михаил и Кирил, кои веќе чекорат по стапките на нивниот татко. Двајцата се ученици во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“: Михаил свири гитара и освои награди, додека помалиот Кирил свири виолина и сака да пее.
Даце го започна својот сценски пат на 16 години, подоцна стана препознатлив како вокален солист на групата „Академци“, и продолжува да создава. Новата песна е дел од композициите на кои работи за својот прв солистички албум и ја потврдува неговата позиција како чувар на македонската изворна и чалгиска песна.
Фото: прес-материјал од настанот


