Драма во Прилеп: активисти го спречија сечењето на стогодишен јавор во дворот на „Кочо Рацин“
Жителите и еколошките иницијативи се спротивставија на комуналците откако директорката на училиштето побара да се отстрани стогодишниот јавор поради лисјата.

Десетици жители на Прилеп и активисти од иницијативите „Зелена народна стража“ и „Спас за Прилеп“ вчера утрото повторно дојдоа да го бранат стогодишниот јавор во дворот на училиштето „Кочо Рацин“, откако директорката побара дрвото да се исече со образложение „децата да не се лизнеле од лисјата“.
Едниот од двата јавори веќе е исечен на барање на училишната управа, а според активистите локалното претпријатие вчера повторно дошло да го сече и другото старо дрво. На местото пристигнале и над 10 полицајци.
Активистите велат дека дрвото е здраво и важен извор на сенка
Од еколошката иницијатива објавија видео и реагираа на образложението за сечењето, посочувајќи дека во самата одлука се наведува дека јаворот е сосема здрав и не може да предизвика опасност, но сепак се одлучило да се исече „под изговорот – во иднина да не предизвика штета“.
„Ова образложение се коси со здравиот памет – да се исече 100 годишно здраво и големо дрво кое произведува кислород и е сенка во летните горештини е лудост“, соопштија од еколошката иницијатива.
Од „Зелена народна стража“ одговoрија: „Кого браните и против кого стоите? Размислете добро. Повлечете си ја одлуката и престанете да си играте со народот!“
Фото: Зелена народна стража / Фејсбук / скриншот