Друштвата за управување: Реформа на двата пензиски столба мора да биде избалансирана
Асоцијацијата предупредува дека прелевањето на одговорности меѓу столбовите ќе ги префрли идните обврски за исплата на пензии.

Друштвата за управување со пензиските фондови побараа реформите во пензискиот систем да бидат избалансирани и да опфатат и првиот и вториот столб, по најавите дека се размислува за промени во вториот столб.
Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиските фондови предупреди дека прелевање на одговорноста од еден кон друг столб значи и прелевање на идните обврски за исплата на пензии. „Секоја понатамошна дебата за промени треба да се води целосно, треба да се имплементираат реформи и во едниот и во другиот столб, бидејќи секое прелевање на одговорноста од едниот кон другиот би значело и прелевање на идните обврски за исплата на пензии“, вели Марјан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови.
Модели што се разгледуваат
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се разгледуваат модели што биле користени во различни европски држави — национализација, привремено стопирање на уплатите во вториот столб, намалување на делот што се уплаќа во вториот столб или некакво хибридно решение. Тој им забележа на пензиските друштва дека се слаби претприемачи и дека ги оплодуваат парите на идните пензионери со стапка од само 1,5 отсто годишно, односно три пати пониско од тоа што е договорено пред 20 години.
Во пензиските друштва ја оспоруваат таа бројка и наведуваат дека просечната номинална стапка на принос во изминатите две децении е 5,5 отсто, а реалниот раст е 2,3 отсто.
„Реална стапка на принос од 2,3 проценти во еден подолг временски период значи дека ние сме ја зачувале куповната моќ на пензиските заштеди и сме додале уште поголем износ на пензиската акумулација. Дали сме можеле подобро и дали од сега па натаму можеме подобро, зависи во најголем дел од законската рамка“, вели Татјана Бојковска, член на Управниот одбор на Сава пензиско осигурување и секретар на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови.
Тихомир Петрески од Триглав пензиско друштво одби какви било инсинуации дека се работи за допирање на средствата на граѓаните за остварување добивка. „Ако инсинуацијата е дека задираме во средствата на граѓаните за да оствариме добивка, тоа не е точно. Ние остваруваме приходи од провизиите коишто ги наплаќаме за управување со тие средства и коишто континуирано се намалуваат од почетокот на реформата до денес“, вели Петрески. Асоцијацијата денеска организираше конференција за одржливи пензиски системи на која беа споделени и меѓународни искуства.
Фото: прес-материјал од настанот


