Јован Митрески: Долгот кон вториот пензиски столб достигна 51 милион евра
Митрески: Заклучно со 31 октомври долгот кон вториот столб е 51 милион евра и околу 650.000 граѓани се загрозени.

Пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница за пратенички прашања изјави дека заклучно со 31 октомври не се префрлени 51 милион евра од средствата на граѓаните кон вториот пензиски столб и дека надлежните институции не преземаат ништо за решавање на проблемот.
Во прашањето упатено до претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (MAPAS), Ремзи Бајрами, Митрески рече дека со неизвесност за своите пензиски заштеди се соочуваат околу 650.000 граѓани родени по 1 јануари 1967 година.
„Станува збор за околу 650.000 членови на вториот пензиски столб, вклучувајќи ги пасивните. Тоа значи дека станува збор според законот за сите вработени коишто се родени после 1 јануари 1967 година, а се членови на вториот пензиски столб. Пред некое време ја отворив темата исто така на пратенички прашања, затоа што во ревизорскиот извештај, а и до информациите коишто доаѓаат до нас, стои дека за јануари и февруари 2026 година околу 40 милиони евра пари на граѓаните, 1/3 од придонесот за пензиско инвалидско осигурување којшто треба да биде префрлен во вториот пензиски столб не се префрлени. Мојот последен податок е дека на 31 октомври долгот кон вториот пензиски столб е 51 милион евра и тоа е загрижувачки податок“, рече Митрески.
Законска обврска и раст на долгот
Митрески ја посочи и јасната законска обврска на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) веднаш да ги префрли средствата. Тој потсети дека директорот има рок најдоцна од пет дена од приемот на придонесите преку Управата за јавни приходи да ги префрли парите во вториот столб.
„Прашањето ми е, на директорот на Фондот за пензиско приоритет може да му биде сè друго или да исплаќа фактури, тендери и така натаму, ама да не го почитува ова што му е законска обврска. Законска обврска на директорот на Фондот за пензиско е веднаш, но не подолго од пет дена од приемот на придонесот од ПИОМ на сметка на Фондот преку Управата за јавни приходи да ги префрли парите во вториот пензиски столб. Редовно два месеца во текот на 2026 година, според моите информации, долгот се движел од 40 милиони до 57 милиони евра. Непрефрлени пари на граѓаните и тој проблем продолжува“, рече тој.
Митрески го наведе ревизорскиот извештај за ПИОМ според кој заклучно со 27 јуни 2026 година, вклучувајќи ги јануари и февруари, не биле префрлени 2.590.000.000 денари, односно над 40 милиони евра. Тој истакна дека, според податоците со кои располага, долгот во текот на 2026 година редовно се движел меѓу 40 и 57 милиони евра и до крајот на октомври се зголемил за речиси 11 милиони евра во однос на февруари.
Митрески го критикуваше Бајрами дека наместо да ја информира јавноста за милионскиот долг, на интернет-страницата на MAPAS се објавуваат само промотивни кампањи за штедење, балони, маички, химна и информации за учество на меѓународна конференција во Кејптаун, Јужна Африка.
Во својот одговор, Бајрами рече дека, иако повремено доаѓа до доцнење со исплатите кон вториот пензиски фонд, сепак не се прекршуваат предвидените законски рокови. Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, пак, рече дека долгот кон вториот пензиски фонд е создаден многу претходно.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) ги прибира пензиските придонеси и распоредува дел од нив кон вториот пензиски столб за осигурените кои се вклучени во тој столб. Вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9% од бруто-платата за периодот јули–декември 2026 година, од кои 6% одат во вториот пензиски столб. Средствата на сметката во вториот столб се лична сопственост на членот и се наследни.
Фото: Јутјуб/принтскрин)


