Почетна
Политика

Филипче: Буџетот нема средства за покачување на платите, државата тоне во долгови и камати

Лидерот на СДСМ предупреди пред дебата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ дека растечките камати и наталожените долгови го доведуваат стопанството во ризик.

·Политика
Филипче: Буџетот нема средства за покачување на платите, државата тоне во долгови и камати

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека следниот буџет нема средства за зголемување на платите и дека економските политики под раководство на премиерот Христијан Мицкоски водат до растечка зависност од скапи кредити.

Камати и наталожени обврски ги кочат фирмите

Филипче пред медиумите, пред јавната дебата организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“, оцени дека буџетот не содржи развојна компонента и дека брзите ребаланси биле доказ за неуспешни економски одлуки.

„Сега се носи буџетот за следната година, потоа веќе многу брзиот ребаланс, што беше доказ за лошите економски политики. Нема пари за зголемување на платите во здравството, во образованието, во социјалата. Буџетот нема развојна компонента, немаше ни до сега“, кажа Филипче.

Тој укажа на растечките трошоци за отплата на камати и на големите задолжувања што државата ги има кон јавните претпријатија, локалната самоуправа, компаниите и здравствениот сектор, што според него го загрозува работењето на стопанството.

„Никогаш ваква голема сума од речиси дваесет и пет милијарди денари не одела за враќање камати. И дополнително уште нешто што страшно загрижува – огромниот долг што државата го има кон јавните претпријатија, кон локалната самоуправа, кон компаниите, во здравството и така натаму, седумстотини и тринаесет милиони евра, вклучувајќи го и долгот за поврат на ДДВ“, нагласи тој.

Според Филипче, неплатените износи создаваат сериозни ризици за ликвидноста на компаниите.

„Значи, 713 милиони евра нема државата да ги даде на стопанството, а со тоа ги прави компаниите неликвидни и ги става во ризик како понатаму тие би функционирале. Сѐ на сѐ, страшен дебакл. Животот е сѐ поскап. Граѓаните ништо не може да си дозволат. Три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка“, рече тој.

Тој изрази загриженост дека продолжувањето на ваквиот пат може да ја принуди државата да ги покрива тековните расходи со скапи кредити.

“Имајќи предвид дека сме сериозно загрижени оти на државата, вака како што сега Христијан Мицкоски ја води економијата, не ѝ преостанува ништо друго, освен за некоја година да се соочиме со грчкото сценарио, односно да стигнеме во ситуација кога единствен извор на тоа да се платат тековните расходи, плати, пензии, сѐ што се должи кон стопанството ќе бидат само скапите кредити“, предупреди Филипче.

Одговарајќи на прашање за справување со економската криза, тој рече дека Владата нема ниту волја ниту капацитет да понуди решенија и дека граѓаните ги чувствуваат последиците.

„Прво, Владата треба да има желба да се справи со кризата. Понатаму, треба да има знаење и капацитет, а ништо од ова очигледно е дека го нема. И како тоа сега се реперкуира и како тоа граѓаните го гледаат, го гледаат во своите паричници и во своите фрижидери. И паричниците и фрижидерите на граѓаните се празни. И тоа е доказ дека оваа Влада апсолутно не знае како се води држава“, заврши Филипче.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи