Почетна
Македонија

Дрворедите како инфраструктура за климатска отпорност: какви дрвја да се садат во градовите

Експертите предлагаат видови отпорни на топлина и загадување и повикуваат на стручна долгорочна политика за планирање и одржување.

·Македонија
Дрворедите како инфраструктура за климатска отпорност: какви дрвја да се садат во градовите

Дрворедите и урбаното зеленило треба да се третират како функционална инфраструктура во градовите во Република Северна Македонија, порачуваат од Центарот за климатски промени, додавајќи дека одбраните видови дрвја мора да одговараат на конкретната локација и клима.

Кои видови се предложени

Како соодветни видови за наши услови, во зависност од локацијата, Центарот го наведува следното: јужната копривка, сребрената липа, полскиот јавор, ориенталниот чинар, црниот јасен и одредени видови дабови. Изборот, велат, треба да произлезе од стручна анализа за да дрвјата навистина обезбедат жешка сенка и да ја намалат температурата во најизложените простори.

„Урбаното зеленило, а особено дрворедите, претставува една од најважните мерки за адаптација на градовите кон климатските промени. Во услови на сè почести и поинтензивни топлотни бранови, зелените површини не треба да се гледаат како декоративен елемент, туку како инфраструктура што придонесува за заштита на јавното здравје, подобрување на квалитетот на животот и зголемување на отпорноста на градовите. Дрвјата ја намалуваат температурата преку сенката што ја создаваат и преку процесот на евапотранспирација, со што се ублажува ефектот на урбаните топлински острови. Истовремено, тие го подобруваат квалитетот на воздухот, задржуваат дел од загадувачките материи и атмосферските води, ја намалуваат бучавата и создаваат попријатни услови за пешачење, велосипедизам и престој на отворено. Подеднакво важен е и изборот на видовите дрвја. Потребно е да се избираат видови што се прилагодени на локалните климатски и почвени услови, отпорни на високи температури, суша и загадување и кои развиваат широка и густа крошна“, велат од Центарот за климатски промени.

Според Центарот, во моментов недостигаат целосни и ажурирани податоци за покриеноста со крошни и состојбата на урбаното зеленило, па не може со сигурност да се утврди дали градовите имаат доволно дрвореди. Зеленилото е нерамномерно распоредено: постари населби и паркови имаат зрели дрвја и добра сенка, додека многу нови населби, плоштади, паркиралишта и пешачки правци остануваат речиси целосно изложени на сонце.

„Како позитивни домашни примери можат да се издвојат Градскиот парк во Скопје, зелените коридори покрај реката Вардар, како и делови од општините Карпош и Центар со развиени дрвореди. Воедно, позитивен чекор претставува и изработката на стратегии за развој на зеленилото и зелени катастри во неколку општини, но нивниот успех ќе зависи од доследната примена и континуираното одржување“, објаснуваат од Центарот за климатските промени.

Од меѓународните примери, додаваат, особено се издвојува Виена која систематски вложува во урбано зеленило и има развиено листа на видови дрвја отпорни на климатските промени, како и модерни системи за наводнување и обезбедување соодветен коренов простор. Добар пример е и Меделин, Колумбија, каде зелените коридори го подобруваат микроклимата. "Нашиот став е дека на градовите во Македонија не им се потребни само повремени акции за садење, туку долгорочна и стручна политика за планирање, заштита и одржување на урбаното зеленило. Особено е важно да се зачуваат постојните зрели дрвја, бидејќи нивната еколошка и климатска вредност не може брзо да се надомести со новозасадени садници. Урбаното зеленило треба да се препознае како инфраструктура од јавен интерес и како една од клучните мерки за создавање поздрави, побезбедни и поклиматски отпорни градови", велат од Центарот за климатските промени.

Овие пораки доаѓаат во месец кога земјата се соочува со топлотни бранови и температури кои достигнуваат до 40 степени. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува минимум 9 квадратни метри зеленило по човек, а идеалната цел би била 50 квадратни метри зеленило по жител.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи