Државата го продолжува рокот за откуп на становите до 31 декември 2027
Предлог-закон ги дели корисниците во четири групи и им нуди опција за закуп или директен откуп, со предлог за скратена постапка.

Предлог-измените на Законот за домување, доставени до Собранието за донесување по скратена постапка, ја продолжуваат можноста за решавање на децениски нерешени станбени односи: поднесувањето барања за откуп, пренос на правото на користење или закуп ќе може да трае до 31 декември 2027 година.
Нов рок и четири категории граѓани
Со новиот законски текст се предвидува продолжување на рокот за поднесување барања за лица кои користат станови во државна или поранешна општествена сопственост и кои поради различни причини не ги искористиле претходните рокови кои истекуваа до крајот на 2024 година.
Во образложението на предлог-законот стои: "- Носителот на правото на користење на станот, кои не поднеле барање за откуп, односно барање за пренос на правото на користење на стан до органот надлежен за вршење на работите од станбено-комуналната област до 31 декември 2024 година, се должни да поднесат барање за откуп на станот, односно барање за пренос на правото на користење на стан до органот надлежен за вршење на работите од станбено-комуналната област до 31 декември 2027 година - се посочува во законот."
Клучната новина е воведување категоризација на корисниците според материјалните можности — лица во социјален ризик, лица со ниски приходи, лица со просечни приходи и лица со високи приходи. Оваа подделба ќе ја одреди и правната опција која ќе им биде достапна.
Во конкретни одредби: "- Со членот 5 од Предлогот се предвидува, корисниците на станови во општествена сопственост од категоријата „лица во социјален ризик“ да го остварат правото на закуп на стан. - Со членот 6 од Предлогот се предвидува, корисниците на станови во општествена сопственост од категоријата лица со ниски приходи, лица со просечни приходи и лица со високи приходи да го остварат правото на откуп на стан. - Со членот 7 од Предлогот се предвидува дека лицата кои имаат склучено договори за закуп на стан согласно со членот 5 став (9) од предлог законот со правното лице, имаат право да поднесат барање за откуп на стан согласно со членот 6 од овој предлог - стои во образложението на законот."
За оние кои првично ќе склучат договори за закуп со надлежното правно лице, предвидена е можност подоцна да поднесат барање и за целосен откуп, со што процесот на приватизација на овој станбен фонд би се заокружил.
Предлог-законот опфаќа и специфични случаи на граѓани кои поседуваат акти или договори за времено користење издадени пред 16 мај 1998 година, давајќи им еднаков пристап до правото на сопственост или закуп. Покрај социјалните и правните решенија, во текстот се вклучени и технички корекции на одредени членови од постојниот закон.
Предложено е донесување по скратена постапка за брзо отстранување на административните пречки и навремено отворање на новиот рок за поднесување барања.
Фото: прес-материјал од настанот


