Почетна
Македонија

Државата со нов план за побезбеден сообраќај: предлог‑стратегијата влегува во собраниска процедура

Предлог‑Стратегијата за безбедност во сообраќајот 2026–2030 предлага преполовување на фаталните незгоди и влегува во собраниска процедура.

·Македонија
Државата со нов план за побезбеден сообраќај: предлог‑стратегијата влегува во собраниска процедура

Државата го достави предлогот за Национална стратегија за безбедност на сообраќајот 2026–2030, во кој се вели дека состојбата на македонските патишта е сериозен проблем и дека е потребна координирана акција за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Во документот е наведено дека во 2024 година се регистрирани 124 фатални незгоди, а предложената цел е нивното преполовување во рок од четири години. Исто така е предвидено намалување од 50% и во вкупниот број на настрадани. Предлог‑националната стратегија за безбедност на сообраќајот влегува во собраниска процедура идниот четврток и е ставена на Комисија за одбрана и безбедност (во доставениот материјал не е наведена точната календарска дата).

Во дел од текстот на предлог‑стратегијата стои: „Проекциите за периодот 2025–2030 година укажуваат на континуиран пад на бројот на лица со смртни последици, изведен преку експоненцијален модел на постепено намалување. Бројот на загинати лица би се намалил од 127 во 2025 година на 71 во 2030 година, што претставува вкупно намалување од 50% во однос на нивото во 2024 година. Овој тренд е резултат на подобрените безбедносни стандарди, зголемената ефикасност на полициските контроли, употребата на современи технолошки решенија за детекција и спречување на прекршоци, како и на засилените превентивни и едукативни кампањи за одговорно учество во сообраќајот“.

Сообраќајниот вештак Дејан Трпевски вели дека е добро што едукацијата е еден од приоритетите, но предупредува дека спроведувањето на мерките ќе оди бавно: „Мислам дека најголем акцент треба да се стави на едукативниот процес и инфраструктурата, затоа што едукативниот процес ќе влијае на возачот како единка. Меѓутоа тоа е на подолги релицаии. И на инфраструктурата којашто треба да се подобри за да може да се избегнат сообраќајните незгоди, тоа што го имаат дефинирано како „vision zero” односно нула број на загинати, што сметам дека е невозможна мисија“, изјави Дејан Трпевски, сообраќаен вештак.

Предвидени мерки

Во стратегијата се наведени низа мерки за подобрување на состојбата: засилени технички прегледи, дигитален регистар на возила, построга контрола на станиците за технички преглед и програма за обновување на возниот парк со субвенции и даночни олеснувања. Исто така се промовира идејата за интелигентен систем за мониторинг на сообраќајот.

Просечната старост на возилата е над 18 години. За проблемот со достапноста и трошоците по вградувањето на стари возила, Трпевски наведува: „Со оваа куповна моќ на населението и овие давачки коишто ги има во државата тоа многу тешко се постигнува. За едно возило коешто чиниј дванаесет илјади евра во Германија, половно да го купите и да го донесете овде треба да платите речиси пет илјади евра други давачки. Автоматски возилото станува седумнаесет илјади евра. Во тој дел не треба да се оди со субвенции туку треба драстично да се намалат давачките коишто се да кажеме за јаглерод диоксид, за даноците, нека бидат возилата со повластена даночна стапка од 5% наместо 18%“, вели сообраќајниот вештак Дејан Трпевски.

Во стратегијата се предвидуваат и подобра сигнализација, осветлување, заштитни огради и мерки за намалување на брзината во урбаните средини. Како главни ризици се посочени брзото возење, алкохолот и психотропните супстанции, ниската сообраќајна култура, лошата инфраструктура и староста на возниот парк.

Петар Догов

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи