Почетна
Македонија

Тетово: Избледени пешачки премини загрозуваат безбедноста

Жителите се жалат на лошо обележани „зебри“, полицијата регистрирала 57 незгоди со пешаци во 2026 година.

·Македонија
Тетово: Избледени пешачки премини загрозуваат безбедноста

Избледените пешачки премини низ Тетово предизвикуваат загриженост кај граѓаните и возачите — лошото обележување според нив ја зголемува опасноста од повреди во сообраќајот.

Особено постарите жители велат дека „зебрите“ се избришани и бараат поголема и постојана грижа од општината кога станува збор за повторно обележување.

„Избледен е, катастрофа е, еднаш се прави и мисли тоа 100 години треба да трае. Тоа не трае 100 години. Тоа една година, две години, ај три години, да речам. А не ти еднаш го правиш и веќе готово. И сега ако не пазиш, готов си, одма бамп, не гледаат ни дали има семафор или зебра, возачите се катастрофа, нарочито младиве,“ велат граѓаните.

Статистика и наредни чекори

Статистиката на полицијата покажува дека проблемот има конкретни последици: во текот на 2026 година на подрачјето на Тетово и тетовскиот регион се евидентирани вкупно 57 сообраќајни незгоди во кои учествувале пешаци. Од нив 16 сообраќајни незгоди резултирале со тешки телесни повреди, а 41 со лесни повреди.

Договорот со досегашната фирма за обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација е завршен. Општина Тетово најави дека во текот на наредната година ќе објави нов тендер за избор на фирма која ќе треба да го реализира оваа обврска. „Целта е квалитетно и навремено обележување на улиците и пешачките премини се во интерес на поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот,“ рече Милена Вуческа, портпаролка на Општина Тетово.

Граѓаните дополнително ја посочуваат и потребата од поефикасна контрола. „Не според мене, туку според мислењата на многу граѓани, во Тетово нема почит ниту од возачите ниту од пешаците. Тоа што поставија камери што има снимања, кој знае колку има ефект во градот, бидејќи не се чувствува и натаму е иста ситуацијата околу сигурноста на пешаците, односно околу сигурноста на возачите,“ кажа граѓанин.

Општината потврдува дека на три локации во Тетово има камери од системот „Безбеден град“, но граѓаните посочуваат дека само нивното постоење не е доволно додека премините остануваат тешко видливи и додека не се засили контролата на возачите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи