Државата треба да собере околу 2 милијарди евра во последниот квартал за буџетот 2026
Од проектираните €6,1 милијарда за 2026, до сега се собрани €4,2 милијарди — речиси третина од приходите паѓа на ноември–декември.

Државата треба да собере околу 2 милијарди евра во последниот квартал за да се стокмат планираните приходи за 2026 година. Од проектираните 6,1 милијарда евра за 2026, до сега се прибрани 4,2 милијарди евра, што значи дека речиси една третина од годишниот план паѓа на последните три месеци.
Премиерот Мицкоски изјави дека поради воведените мерки, меѓу кои намалено ДДВ за дизел и корекции на акцизите за горивата, можно е до крајот на годината да недостигаат "нешто над 100 милион евра". Даночните експерти сепак сметаат дека касата има шанса да се наполни значително во ноември и декември.
Даночниот експерт Славко Лазовски ја нагласува сезонската компонента на собирањето: „Искуството покажува дека во последните два месеца, ноември и декември, дека просечните приходи се над 30 отсто од оние во останатите месеци. Јас очекувам дека ќе се доближиме до 2 милијарди евра собрани. Ако не се соберат во буџетот, нели, нема да се исполнат некој обврски, некој ќе настрада буквално во таа ситуација, но ќе видиме“, смета Славко Лазовски, даночен експерт.
Лазовски дополнително укажува на слабоста во наплатата на локалните даноци: „Собирањето на локалните даноци ни е ахилова пета во оваа држава, но главен виновник е не добрата даночна регулатива. Таа ни е една од најлошите даночни регулативи. Дури и околните земји далеку отидоа со нивната регулатива за локалните даноци, а ние тука заостануваме и не е од пред 30, туку од пред 50 години“, додава Лазовски.
Тој оценува дека државата има потенцијал да собере многу повеќе преку подобра примена и регулатива, но за тоа е неопходно да се справи со сивата економија — проблем што се споменува со години како клучен за подобрување на фискалните приходи.
Со останати три месеци до крајот на годината и планирано трошење нешто над 100 милиони евра, министрите веќе најавија можност за уште еден ребаланс на буџетот. За сега нема објавени конкретни детали за евентуални прекројувања на државната каса.
Фото: Neophyte / Wikimedia Commons (Public domain)


