Државниот архив ги прикажа оригиналните документи од референдумот за независност 1991
Директорот м‑р Димитар Богески ги претстави оригиналните записи, ливчиња и протоколи од референдумот во годината на 75‑годишнината на архивот.

Државниот архив за првпат јавно ги изложи оригиналното гласачко ливче од Референдумот за независност на 8 септември 1991 година, записниците од гласачките места и други документи поврзани со подготовката и спроведувањето на референдумот. Материјалите ги претстави директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, во годината кога институцијата одбележува 75 години постоење, а државата 35 години од независност.
Експозицијата опфаќа физичко гласачко ливче, службени записници, преписки, службени акти и извештаи кои ја документираат организацијата и административната работа околу референдумот. Како што рече Богески, архивските документи даваат можност процесот на создавање на државата да се следи преку конкретни правни и политички акти.
По воведувањето на повеќепартискиот систем и изборите во 1990 година, по конституирањето на првото повеќепартиско Собрание следуваат низа државотворни акти: Декларацијата за суверенитет од 25 јануари 1991 година, Одлуката за распишување референдум од 26 јули 1991 година, Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните од 17 септември 1991 година и Уставот од 17 ноември 1991 година.
Документите како хронолошка сведителка
„Кога овие документи ги следиме по нивниот хронолошки редослед, добиваме јасна слика за целокупната динамика на државотворниот процес – од првите политички промени и воспоставувањето на новата институционална рамка, преку утврдувањето на сувереноста и изјаснувањето на граѓаните, до уставното конституирање на независната држава“, вели м-р Димитар Богески.
Тој потенцира дека, покрај уставно‑правните акти, архивските фондови содржат и службени акти, преписки, записници и извештаи кои ја отсликуваат дневната работа на институциите и практичните чекори во организирањето на референдумот. „Преку архивските фондови можеме да ја следиме постепената трансформација на политичката волја во конкретни државни акти“, вели Богески.
„Зачувувањето на оригиналните документи од 1991 година е врвна институционална и патриотска одговорност“, вели Богески, додавајќи дека тие треба да бидат трајно заштитени, стручно обработени и достапни за идните генерации.
По повод 35 години од независноста, изложбата „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ ќе биде претставена и во Хрватскиот државен архив во Загреб. Поставката опфаќа документи од долгиот државотворен процес — од Разловечкото востание во 1876 година, преку Илинден и АСНОМ, до референдумот за независност во 1991 година.
Фото: Државен архив)


