ДУИ: Алтернатива и Беса и натаму фигурираат како посебни партии во Централниот регистар
ДУИ тврди дека во Регистарот Алтернатива и Беса сеуште се водат како одделни партии и прашува за тајна промена на лидерството во Алтернатива.

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска упати нови обвинувања кон Влен, тврдејќи дека партиите кои јавно се споиле во таа структура сепак продолжуваат да се водат како посебни и активни политички субјекти во Централниот регистар.
Од ДУИ велат дека документите од Регистарот покажуваат дека Алтернатива и натаму фигурира како самостојна партија, со запишан претседател Зекирија Бериша, кој, според опозициската партија, е шеф на кабинетот на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали. Во вторникот (18 август) ДУИ исто така истакна дека и партијата Беса продолжува да фигурира како активен политички субјект со Билал Касами како нејзин претседател.
„Кога е избран Зекирија Бериша за лидер? Кое партиско тело ја донело оваа одлука? Зошто промената била чувана во тајност? Дали членовите на Алтернативна знаат кој законски ја води нивната партија? Имаме скандалозен и веројатно невиден случај – партија го менува својот лидер во официјални документи, а го крие овој факт од граѓаните и сопствените членови“, се вели во соопштението на ДУИ, објавено на Фејсбук.
Како доаѓаше до промени
ДУИ посочува дека во Регистарот е внесен Зекирија Бериша како претседател на Алтернатива, додека Бериша е шеф на кабинет на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали. Од ДУИ нагласуваат дека ниту членството, ниту јавноста не биле известени за ваква промена во лидерството на партијата.
За потсетување, пред спојувањето на четирите партии во Влен, Централното собрание на Алтернатива на почетокот на декември минатата година за в.д. претседател го назначи Беким Сали, по неотповикливата оставка на тогашниот претседател Зеќирија Ибраими.
Во соопштението од вторникот (18 август) ДУИ наведува дека за тврдењата поврзани со Беса објавиле писмен документ од Централниот регистар, но дека за случајот со Алтернатива не приложиле сличен писмен доказ во истото соопштение. Од ДУИ додаваат дека Влен е створен како инженерска структура која има за цел раскршување на албанскиот глас, намалување на неговата политичка тежина и предавање на одлучувањето во рацете на други центри на интерес.
„Беса продолжува да постои со Билал Касами како лидер. Алтернатива продолжува да постои со Зекирија Бериша како лидер. Таканареченото 'спојување' тие го имаат само конференции и пропаганда. Партиите, лидерите, печатите и интересите продолжуваат одделно. Влен е измамник од основатадо врвот“, стои во соопштението од ДУИ.
Фото: прес-материјал од настанот