ДУИ: Министерството за одбрана ја претстави Армијата како „Македонска армија“ на Денот на Армијата
Партијата бара корекција на називот и објавување на етничката структура на раководните позиции во Министерството за одбрана.

ДУИ обвини дека Министерството за одбрана на Денот на Армијата ја претставило армијата како моноетничка, со што ја повредило уставната рамка и ја повикa институцијата да го коригира називот и да ја објави етничката структура на раководните позиции.
Во соопштението партијата нагласува дека, според уставниот поредок, определбата „македонски“ се поврзува исклучиво со етничкиот идентитет на македонскиот народ, а официјалното име е Армија на Република Северна Македонија која "им припаѓа на сите граѓани и на сите заедници што ја сочинуваат државата".
„Во уставниот поредок, определбата „македонски“ се поврзува исклучиво со етничкиот идентитет на македонскиот народ, додека официјалното име е Армија на Република Северна Македонија. Таа им припаѓа на сите граѓани и на сите заедници што ја сочинуваат државата. Можеби Министерството, ненамерно, само ја опиша реалноста што ја создава оваа Влада“, се вели во соопштението на ДУИ.
Партијата бара објаснување и бројки
ДУИ тврди дека Албанците систематски се отстрануваат од високите позиции и од центрите на одлучување во секторот за одбрана. Како пример партијата наведува дека има десет директори во Министерството за одбрана, „ниту еден Албанец“.
„Армијата се финансира и од даноците на Албанците. Албанците служеле и продолжуваат да служат во нејзината униформа. Албанските семејства ѝ ги довериле на оваа институција своите синови и ќерки. Никој нема право да ја претвори во симболичка и институционална сопственост на само една заедница. Во меѓувреме, „не-вреди“ молчи. Нивните министри и заменици-министри си ги чуваат фотелјите, додека Албанците ги губат позициите во полицијата, Армијата и во целиот безбедносен систем. Нивната улога е сведена на оправдување на одлуките на ВМРО-ДПМНЕ и на производство на соопштенија против ДУИ," стои во соопштението, по што партијата побарa итна корекција на називот, објавување на етничката структура на раководните позиции и враќање на правичната застапеност на Албанците.
ДУИ предупредува дека Армијата на Република Северна Македонија е заедничка институција и оти „секој обид таа да се претставува и гради како моноетничка институција директно ги загрозува мултиетничкиот карактер на државата и духот на Охридскиот договор.“
Фото: прес-материјал од настанот