ССК и Министерството за економија против кратење на празниците
Двете институции велат дека предлогот не бил формално доставен и дека приоритет треба да биде продуктивноста и разгледување на плаќањето по час.

Сојузот на Стопански комори (ССК) и Министерството за економија се изјаснија против предлогот за кратење на бројот на неработни денови и државни празници, потсетувајќи дека такво барање не е формално доставено до министерството ниту пак е разгледувано на Економско-социјалниот совет.
Фокусот да биде на продуктивноста и плаќањето по час
Двете институции побараа дебата да се премести од намалување на празниците кон мерки за зголемување на продуктивноста и разгледување на системот на плаќање по час како долгорочна опција.
„Ставот на Сојузот на стопански комори е дека во Македонија има вредни, посветени и работни луѓе. Има чесни луѓе кои сакаат да работат и апсолутно не сме на ставот дека треба да се намали бројот на празниците. Нашиот таргет и фокус е како да се зголеми продуктивноста на вработените. Едно прашање кое што иднина сакаме да се разгледува од страна на државата тоа е плаќање по час по урнек на развиените пазарни либерални економии“, рече Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на Стопански комори (ССК).
Марјан Ристески, заменик министер за економија, рече дека ставот на министерството е усогласен со ставот на премиерот и дека правата што еднаш се стекнати не треба повторно да се отвораат за расправа: „Нашиот став е исто како и ставот на премиерот во тој поглед дека еднаш стекнати права на работниците нема потреба да дискутираме понатаму така да тоа прашање мислам дека е заклучено. Мислам дека една од опциите која понатаму треба да се разгледува со цел зголемување на продуктивноста на вработени, не само во јавниот туку и во приватниот сектор е плаќање по работен час“, рече Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Како што посочија, секоја промена во правилата за празници би морала да помине низ формални постапки, а додека предлогот не е официјално доставен и разгледан на надлежните тела, нема да се носат одлуки.
Фото: прес-материјал од настанот


