Марта Кос: Македонија да ги стави Бугарите во Уставот за да продолжи патот кон ЕУ
Кос ја опиша оваа „есен на проширувањето“ и предупреди дека напредокот зависи од исполнување на уставните обврски.

Европската комисија очекува Македонија да ги спроведе преземените обврски поврзани со уставните измени, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарскиот јавен сервис БНТ.
Кос ја опиша оваа есен како „есен на проширувањето“ и оцени дека актуелниот момент може да послужи за придвижување на европската интеграција, но само ако се исполнат ветувањата.
„Јас ќе бидам многу среќна ако го искористиме овој момент на проширувањето и за Македонија. Јас верувам во новата бугарска влада со која работам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го задвижиме процесот и за Македонија. Се разбира, македонската влада ќе мора да го исполни ветувањето. Тие треба да го сменат Уставот. Тоа е договорено меѓу Македонија и 27-те земји членки на Европската унија. Откако тоа ќе биде направено, ќе сметам и на поддршка од вашата држава, да тргнеме напред и со Македонија,“ вели Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Патокази за најнапредните кандидати
Кос потврди дека, како што претходно најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, се подготвуваат нови патокази за земјите кои се најнапредни во пристапните преговори.
Според неа, Црна Гора е најблиску до членство, додека за Албанија, Молдавија и Украина се работи на патокази со можните технички чекори кои би можеле да се преземат пред завршување на мандатот на актуелната Комисија.
Кос оцени дека напредокот на овие земји може да послужи како потик и за другите кандидати и потенцијални кандидати, меѓу кои Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, да го забрзаат својот пат кон ЕУ. Таа потсети и дека последното проширување се случи во 2013 година со пристапувањето на Хрватска и дека сега процесот повторно е високо на агендата на Унијата.
Во говорот пред Европскиот парламент, фон дер Лајен даваше повнимателна рамка за проширувањето со земјите од Западниот Балкан, истакнувајќи дека процесот ќе остане базиран на заслуги и при тоа го повика Канадa да биде придружен партнер на ЕУ.
Фото: прес-материјал од настанот


