Пешевски: Владата не треба да нè учи колку да трошиме — кошничката е поевтина отколку кај ССМ
Синдикатите велат дека владината пресметка на просечна потрошувачка е пониска за близу 200 евра и не го отсликува реалниот стандард.

Синдикатите остро реагираа по завршувањето на Економско‑социјалниот совет откако владината верзија на кошничката која почна да се објавува покажа пониски трошоци отколку нивната анализа — разлика која, според синдикатите, изнесува близу 200 евра.
„Најверојатно голем дел од ставките кои што ги имаме ние во кошничката, они ги немаат. Храна и пијалаци, нашата е 26.000 денари, кај нив е 20.000 денари, а повторно ги гледаме цените од истите маркети. Може сметаат дека со многу помалку храна, македонскиот работник може да го помине денот или членовите на нивното семејство. Така што она што ние го гледаме добиваме коментари дека ни со 70.000 денари не се живее месецов, а не со 58.000 денари“, изјави Иван Пешевски од ССМ.
Разликите во пресметките ја отворија дебатата за стандардот
Синдикатите велат дека главната обврска на државата е да донese мерки за зачувување на животниот стандард, а не да ги убеди граѓаните дека им треба помалку пари. Тие посочуваат дека анализите направени во исти маркети покажуваат повисоки суми отколку владината пресметка.
Владината анализа презентирана на советот повторно дава пониски месечни трошоци од оние на ССМ: според пресметката, на двајца вработени во едно четиричлено семејство им се доволно по 29.000 денари за да ги покријат просечните трошоци во месецот. Септемвриската кошничка е измерена на нешто над 58.000 денари, односно минатиот месец семејниот буџет бил полесен за нешто над 350 денари.
„Да направиме една разлика дека ова не е минимална кошничка, туку е просечна потрошувачка кошничка ако одиме со тоа на прашањето што се поставува треба да ги гледаме и двете просечни плати на едно четиричлено семејство“, рече Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Како точка на дневен ред беа ставени и неработните денови и празниците, но на таа тема не се дискутираше бидејќи предлог‑измените на Стопанската комора сè уште не се доставени до Владата. Комората предложи да се намали бројот на неработни денови и да не се префрла празникот ако паѓа во недела, предлог што предизвика реакции во јавноста.
Фото: прес-материјал од настанот


