11,2 милиони евра подоцна: што требаше да се предвиди при набавката на фингерпринт-апаратите
Државната изборна комисија очекува извештај и бара буџетски средства по истекот на гаранцијата за системот од 2021.

Истече петгодишниот договор за одржување на фингерпринт-уредите кои беа набавени за изборите во 2021 година — опрема што чинеше 11,2 милиони евра и што од тогаш учествува во сите изборни циклуси. Сега властите бараат начини како уредите да останат функционални откако гаранцијата за поддршка заврши.
Што требаше да се предвиди уште при набавката
На 18 октомври, за време на вонредните избори за градоначалник во Брвеница, Државната изборна комисија располагаше со УБИГ-апарати само на 24 избирачки места бидејќи гаранцијата на системот за биометриска идентификација истече. „Видовме дека нема поголем застој, дека има интензивни обиди, можеби еднаш, два пати, три пати на некои лица коишто веднаш не ги чита УБИГ апаратот, меѓутоа секаде се одвива без проблеми и без поголеми застои “, кажа Бојан Маричиќ, претседател на Државната изборна комисија, по обиколка на неколку гласачки места во Брвеница.
За да се обезбеди нивна употреба на гласањето во Брвеница, нарачано беше ажурирање што чинеше 200 илјади евра, преку набавка во четири очи со „Дермалог“ поради вонредноста на ситуацијата. Сепак, остава отворено прашањето како ќе се обезбеди долгорочната функционалност за сите уреди чии гаранции завршија.
Маричиќ рече дека тим од независни ИТ-експерти веќе направил првична анализа на хардверот и софтверот и дека очекуваат конечен извештај од Дермалог на почетокот на ноември. „Очекуваме почетокот на ноември да добиеме и конечен извештај од Дермалог во врска со 60-те месеци на спроведување на првичниот договор. Врз основа на тоа ние и ја информиравме и Владата неколку пати, и Владата и Министерството за финансии, дека ќе биде неопходно да се предвидат пари во буџетот за оваа набавка. Сè уште ги немаме обезбедено “, рече тој.
Министерството за финансии одговори дека работи на подготовката на буџетот за 2027 година во рамките на законски утврдена постапка и дека буџетските корисници ги доставуваат своите приоритети и потреби за финансирање за следната година, кои се разгледуваат согласно законските процедури и буџетските можности.
Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија, оцени дека ДИК се нашла во оваа позиција поради неточно поставени услови уште при самата набавка во 2021. „ Отприлика се знае колку некој уред може долго да се користи, особено вакви, да кажам, уреди коишто имаат и други намени, се користат и во други ситуации подолгорочно и може отприлика да се знае дали тоа трае година дена, 5 години, 10 години уредот, во смисла на хардвер и во смисла на колку производителот планира да го одржи во живот со софтверска поддршка. Сето ова требало да го знаат во 2021 година. Сега ние пробуваме да најдеме решение за 2026 и понатаму, меѓутоа ова требало да се знае од сам старт бидејќи, претпоставувам дека тогаш вие не можете – без да знаете колку време ќе ви трае законската обврска да купувате нешто што можеби кратко трае или можеби долго трае. Таа информација требало на Државната изборна комисија да ѝ биде дадена на почетокот, односно самата Државна изборна комисија кога го спроведувала тогаш тендерот во 2021 требало да ги прибере овие информации “, изјави Поповиќ.
Поповиќ нагласи дека при јавните набавки треба да се воведе критериумот долгорочна цена на користење како главен принцип при оценувањето на понудите и дека при купување софтвер треба да се преферира поголема контрола на онаа институција која набавува, наместо контролата да остане кај доставувачот.
Фото: прес-материјал од настанот


