Почетна
Политика

Петар Арсовски: Не очекувам прелевање на протестите од соседството во Македонија

Аналитичарот вели дека структурните причини за незадоволство постојат, но готовоста за масовни протести тука е послаба.

·Политика
Петар Арсовски: Не очекувам прелевање на протестите од соседството во Македонија

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски не очекува протестите што ја тресат соседството и делови од Европа да се прелеат директно во Македонија, по вчерашното предупредување на премиерот за можни провокации и дејствување на разни служби.

Арсовски појаснува дека и во земјава постојат структурни причини за незадоволство, но дека моменталната готовност за масовни протести е пониска отколку во други држави. „Структурните причини поради кои се појавува незадоволството, а тоа е дека помладите генерации не можат да го достигнат квалитетот на живот на постарите генерации ги има и во Македонија, но во моментот социјалната екстровертност, односно подготвеноста за протести е пониска отколку кај другите земји. Не очекувам директно прелевање на протести, но очекувам спорадично незадоволство кај целните групи засегнати од таа проблематика“, вели Петар Арсовски, политички аналитичар.

Улогата на опозицијата

Во врска со ставовите на Мицкоски дека опозицијата би можела да учествува во такви сценарија за пари и лажни ветувања за фотелји, Арсовски посочува дека ниту една партија во земјава нема сила да иницира протести од таков обем, и дека нивната улога најчесто е да дадат подоцнежна поддршка.

„Можно е опозицијата да има влијание на тие протести, бидејќи се де факто во политичка економија, но ако го погледнете бранот, Франција, Португалија, Грција, Албанија, па сега и Белгија, причините се повеќе од политички. Која било партија не може да направи масовни протести како во Албанија или Франција. Точно е дека опозицијата има бенефит од тие протести,особено во политизираните земји од Западен Балкан, но не верувам дека тие се директни иницијатори. Може да дадат подоцнежна поддршка, но ништо повеќе од тоа“, вели Арсовски.

Според него, можно е да се појават спорадични епизоди на незадоволство меѓу целните групи кои се директно засегнати од економските и социјалните проблеми, но не и масовен, „контингентиран“ бран што би ги преселил немирите преку границите.

Арсовски го сместува домашниот ризик во поширокиот регионален контекст: во Албанија продолжуваат повеќенеделните антивладини протести со барање за оставка на премиерот Еди Рама, каде што се вклучија и здравствени работници и кои на моменти прераснаа во насилство; во Грција вообичаено се протести поради трошоците за живот; во Бугарија синдикатските протести и политичките тензии ги подгреваат демонстрациите; во Србија, иако во моментот е изборен молк, протестите против актуелната власт траат со месеци; а во Европа низ Франција, Италија, Португалија, Белгија и Германија граѓанските излегувања се поттикнати од висока инфлација и незадоволство на студенти и синдикати.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи