ДУИ: Во важечкиот Устав не постои забрана за високо образование на албански јазик; Мицкоски ја користи исклучувачката реторика
ДУИ вели дека правото на високо образование на албански е загарантирано со Уставот и законите и ја критикува реториката на премиерот.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со својата реторика и изјави — вклучително и оценката дека високото образование на албански јазик наводно било „имплант“ — ја поттикнува исклучувачката клима и ги нарушува уставниот и правниот поредок.
ДУИ: Правото е загарантирано со закон
Партиското соопштение нагласува дека во важечкиот Устав не постои ниту една одредба со која се забранува високото образование на албански јазик, туку напротив, тоа право е загарантирано со важечкото законодавство. ДУИ исто така го обвинуваат премиерот дека неговата реторика создава правна несигурност и меѓуетнички тензии.
„Парадоксално е што токму Мицкоски, кој со своите постапки го нарушува уставниот и правниот поредок, денес се обидува да го толкува Уставот, притоа кршејќи го, согласно сопствената политичка агенда. Изворот на тензиите не е образованието на албански јазик, туку политиката што ги доведува во прашање правата загарантирани со Уставот и законите“, наведуваат од ДУИ.
Во соопштението партијата потсетува на последните политики и акции кои, според нив, ја ослабнале заштитата и претставувале притисок врз правата на етничките Албанци: укинувањето на балансерот, укинувањето на имињата на улиците и плоштадите во Тетово, иницијативите пред Уставниот суд за укинување на Законот за употреба на јазиците, како и исклучувањето на дијаспората од пресметката, со што се намалил бројот на советници во општините со претежно албанско население.
ДУИ го повика премиерот да се откаже од, како што ја нарекуваат, исклучувачката реторика, да престане со поттикнувањето тензии и да ги почитува Уставот и важечките закони. Од партијата упатија и повик до владиниот партнер Влен да ја напушти извршната власт и да се огради од ваквите политики.
„Во спротивно, ќе биде коавтор и соучесник во овие исклучувачки, поттикнувачки и деградирачки политики“, порачуваат од ДУИ, нагласувајќи дека продолжување на таквите мерки ќе доведе до натамошно разгорување на меѓуетничките поделби.
Фото: прес-материјал од настанот


