Мицкоски: Патот на Црна Гора и Албанија кон ЕУ во моментов е како „автобус што се клати“
Мицкоски тврди дека Северна Македонија е меѓу фронт‑ранерите во Реформската агенда и не ги прифаќа тврдењата дека соседите се понапред.

Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со оцените дека Црна Гора и Албанија моментално се понапред од Северна Македонија по патот кон Европската унија, опишувајќи го нивниот тек како „автобус што се клати“ и истакнувајќи дека земјата испорачува реформи.
По посетата на Основното училиште „Ацо Шопов“ во Општина Бутел, Мицкоски пред новинарите рече дека Република Северна Македонија е меѓу „фронт‑ранерите“ во Реформската агенда и дека реформите продолжуваат да се спроведуваат.
На прашање за ставот на генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман, кој рече дека „блокадата е во земјата“, премиерот не го коментираше директно неговиот став и го нарече Копман пријател на земјата со значаен придонес во реформите.
Изјавата на премиерот
„Па не би се сложил дека одат. Мислам дека не е баш така… Мислам дека ќе се вратам на онаа моја изјава за автобусот што се клати, така во моментот личи нивниот пат во ЕУ, и на Црна Гора и на Албанија. А ние испорачуваме реформи и ние сме навистина фронт‑ранери кога станува збор за Реформската агенда“, изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека билатералните прашања, кои ги поврза со наследство од претходната влада, не треба да се третираат како пречка за полно членство во Унијата. Тој рече дека е подготвен да седне „каде било, кога било и на која било тема“ со оние партнери со кои постојат неразрешени билатерални прашања, но оти досега не гледа интерес од другата страна.
Премиерот најави и дека наскоро ќе има работна видеосредба со Герт Јан Копман пред декемврискиот или јануарскиот извештај на Европската комисија. Тој попладнево заминува за Брисел за состаноците на Самитот ЕУ – Западен Балкан, каде што во 18:00 часот е предвидена средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка Каја Калас. Планира враќање во земјата околу 22:15–22:30 часот и учество во вечерна сесија во Охрид во рамките на процесот Брдо‑Бриони.
Фото: Принтскрин


