Почетна
Македонија

Дупката во ПИОМ достигна 1 милијарда евра, СДСМ бара објаснување

Јована Тренчевска вели дека кратотката на фондот го загрозува редовното исплаќање на пензиите и побара јасни мерки и рокови.

·Македонија
Дупката во ПИОМ достигна 1 милијарда евра, СДСМ бара објаснување

Дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) достигна една милијарда евра, што е над 14 отсто од целиот државен буџет, соопшти потпретседателката на СДСМ Јована Тренчевска и предупреди дека со тоа е загрозена редовната исплата на пензиите.

Според Тренчевска, причина за зголемувањето на дефицитот е, како што рече, лошото управување и неодговорните политики на премиерот Христијан Мицкоски и Владата.

Опозицијата бара јасна шема и рокови

„ПИОМ веќе не може да се полни од придонеси, криминалната банда го доведе до неодржливост. Од први јули, оваа година, придонесот на ПИОМ е зголемен за 1% односно, процентот што одеше во Агенција во вработување го прераспределиле во Фондот за пензиско. Ја задолжија државата со 4 милијарди нов долг за само две години – секоја недела ново задолжување за криминални партиски тендери. Луксузи, нов авион, скапи партиски настани, 5,5 милиони евра за прослава – за граѓаните ништо, нула денари, нула мерки“, истакна Тренчевска и побара од Владата да образложи од кои извори ќе се покрие дупката, кои мерки ќе го намалат дефицитот и до кој датум.

Таа предупреди и дека е загрозен и вториот, приватен пензиски столб, при што најавите, според неа, се движат од национализација до реконструкција и можат да ја остават населението без заштедите уплаќани со години.

Тренчевска посочи дека станува збор за стотици илјади луѓе кои работеле и придонесувале за пензискиот систем, додека сегашните пензионери зависат од својот приход за лекови, храна и сметки. „Пензиите не се милостина од Мицкоски. Пензиите се право. Пензискиот фонд е обврска на државата“, додаде таа.

Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека зголемувањето на пензиите создаде одреден дефицит во системот на ПИОМ. Тој посочи дека од околу 2,4 милијарди евра годишно за пензии, од придонеси на плата се собираат само 1,4 милијарди.

Велковски додаде дека постојаниот одлив на работна сила и флуктуациите во пријавената работа влијаеле врз фондот и дека државата на годишно ниво одвојува околу 60 милијарди денари за дополнително субвенционирање на пензиите. „Тие ќе бидат, секогаш кога државата е гарант позади ова и стои како таква, ќе бидат исплатувани на време како што беше и изминатите две и пол години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и оваа влада функционира – на први буквално ги добиваат нивните пензии“, рече тој.

Опозицијата побара конкретен одговор од министерот Велковски колку е одржлив и стабилен пензискиот фонд со дупка од една милијарда евра и бара план со рокови за обезбедување на исплатата на пензиите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи