Охрид станува луксуз – квадратот на атрактивните локации над 3.000 евра
Побарувачката и градбата го одржуваат пазарот; луксузните комплекси крај езерото достигнуваат преку 3.000 еурa/м².

Охрид го задржува статусот на еден од најскапите градови за купување недвижности во земјата — пазарот ја бележи високата активност, со постојана побарувачка и интензивна градба, а цените остануваат на повисоко ниво.
За нов стан во поширокото градско и централно подрачје цените се движат од 1.500 до 2.500 евра за метар квадратен. На најатрактивните локации — во строгиот центар и на самиот брег на езерото — цените достигнуваат максимум и надминуваат 3.000 евра за квадрат, особено кај луксузните комплекси. Како поопциja се нудат постарите станови, чија цена се движи до 1.200 евра за квадрат во зависност од локацијата и состојбата на објектот.
Најпобарувани мали станови за издавање
Најбарани се помалите и функционални станови од 40 до 50 квадратни метри со една спална соба, пред се за туристичко издавање. Покрај купувачите од цела Македонија, значаен интерес покажуваат и пензионери од западноевропските земји, лица што работат во странство и дијаспората.
Идниот тек на пазарот и развојот на градбите во голема мера ќе зависат од статусот на регионот под заштита на УНЕСКО, што останува клучен фактор за сите наредни градежни активности и инвестициски планови.
Агентите за недвижности прогнозираат дека побарувачката за недвижности во Охрид ќе остане стабилна, со понатамошен поумерен раст на цените наместо нагли скокови.
Фото: прес-материјал од настанот


