Реконструкцијата на студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид на "стенд бај"
Иако најавена за јули, реконструкцијата не е почната; студентите се преселија во објект на МВР и имаат секојдневни трошоци за превоз.

И покрај најавите дека целосната реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид ќе започне уште во јули, на терен сликата останува непроменета и објектот стои празен додека влегуваме во ноември.
Студентите сместени во објект на МВР, се трошат пари за превоз
Студентите привремено се преселени во детското одморалиште на Министерството за внатрешни работи во населбата Свети Стефан. Тоа ги реши прашањата со сместување и храна, но донесе нови секојдневни трошоци, бидејќи секое утро и попладне мораат да користат комбиња или личен превоз за да стигнат до факултетите во центарот на Охрид и назад, а сите трошоци ги покриваат самите.
Според студентите, главната причина за доцнењето е сѐ уште неодредена — се бара соодветен простор за да се пренесе инвентарот од домот пред да почнат градежните активности.
„Имаме сместување и храна таму но сме оддалечени на 5,6 км од градот.Приморани сме сами да си плаќаме превоз,да бркаме комбиња за да одиме на факултет.Постојано прашуваме до кај е реконструкцијата но никој ништо не кажува конкретно.Последно ми рекоа дека се уште бараат магацин за да го пренесат инвентарот од таму и на тоа остана - " - вели претставник на студентите од домот.
Директорката на домот, Милена Стојановска, ја опиша состојбата како исклучително комплицирана поради натрупани финансиски и кадровски проблеми, при што доцнат и платите на вработените. „Како нов директор на домот се соочувам со големи проблеми од финансиска, кадровска и секаква друга природа. За состојбата што ја затекнав веднаш ги известив надлежните и остварив средба со министерката за образование со цел нејзино надминување.Во моментов се наоѓаме во специфична ситуација поради фазата на реновирање и привременото сместување во објектот на МВР. Проблемите се големи, а во тек е и постапка за измена на законот за да се спаси домот на секој можен начин.Јас како директор, заедно со вработените, правам сѐ што е во наша можност, но се наоѓаме во исклучително тешка финансиска и кадровска состојба. Очекуваме помош од МОН и Владата, која веќе ни е и најавена." - вели директорка Милена Стојановска.
За текот на постапката и за тоа кога конечно ќе започне реновирањето се очекува официјален одговор и од Министерството за образование и наука. Пред преселувањето, домот бележеше и повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија поради неплатени сметки, што дополнително ја нагласува потребата од темелна обнова и системско решавање на управувањето со објектот.
Фото: прес-материјал од настанот


