Охрид го зголеми ценовникот за „Водовод“ и „Нискоградба“ — остри реакции
Нови тарифи за следните три години ќе ги зголемат сметките за комуналии и предизвикаа протести од политички субјекти.

Не стивнуваат реакциите во Охрид по одлуката на локалната власт да ги зголеми тарифите на јавното претпријатие „Водовод“ и на „Нискоградба“. Новиот ценовник важи за следниот тригодишен период и значително ќе ги зголеми сметките за комунални услуги на домаќинствата.
Од локалниот огранок на Левица – Охрид жестоко го критикуваат потегот, тврдејќи дека станува збор за резултат од лошо и недомаќинско менаџирање со јавните претпријатија и дека финансиските дупки повторно се префрлаат на грбот на граѓаните.
Политички реакции
Во реакцијата Левица ги набројува и претходните покачувања и посочува дека градската управа создала пракса на постојано поскапување на услуги. Како што велат: "Откако Кирил Пецаков е градоначалник, поскапеа и услугите на ЈП „Градски пазар" за 35%, паркингот за 40%, а гробарината и гробните места за дури 75%.Охрид не смее да стане град во кој секоја година поскапува животот, а одговорноста за лошото управување и долговите на јавните претпријатија да ги плаќаат граѓаните" - велат од Левица.
Советници од редовите на СДСМ ја оценија одлуката како апсурдна и истакнаа дека и покрај тоа што општината ги субвенционира јавните претпријатија со средства на сите граѓани, тие сепак одлучуваат за зголемување на цените.
Од управата на ЈП „Нискоградба" пак порачуваат дека корекциите се минимални и занемарливи во однос на растечките трошоци за одржување на мрежата, а дека при нивното утврдување се применети методологијата и насоките на Регулаторната комисија за енергетика.
Фото: прес-материјал од настанот


