Дурмиши: Вложувањето во безбедни и здрави работни места е инвестиција, не трошок
На настан за Европската недела за безбедност и здравје при работа Дурмиши ги нагласи приоритетите за зајакнување на превенцијата и правилата.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа нагласи дека заштитата на работниците е основно право и е меѓу приоритетите на Министерството, додека во рамки на настанот беа доделени и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.
Награди и нови предизвици
Дурмиши посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организирање на работата нудат поголема продуктивност, но и носат нови ризици за здравјето и безбедноста на вработените. Како особено значајни ги наведе психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје.
„-Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден,“ нагласил Дурмиши.
Министерот додаде дека приоритет е континуирано унапредување на законската рамка и зајакнување на превенцијата, со цел економскиот и технолошкиот напредок да бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. „-Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес -“ изјавил Дурмиши.
Тој го подвлече значењето на заедничката одговорност меѓу институциите, работодавците, синдикатите, инспекциските служби и самите работници, и особено го истакна придонесот на компаниите кои со своите практики ја унапредуваат заштитата.
„-Вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на нашата економија. Само здрав и заштитен работник може целосно да го реализира својот потенцијал, а компаниите што се грижат за своите вработени создаваат основа за одржлив развој -“ порачал министерот и упатил честитки до наградените компании, со благодарност до Советот за безбедност и здравје при работа и социјалните партнери.
Министерството за економија и труд, стои во соопштението, ќе продолжи со мерки за унапредување на регулативата, подигнување на јавната свест, зајакнување на превентивните мерки и соработка со социјалните партнери со цел повисоко ниво на заштита на работниците.
Фото: прес-материјал од настанот


