Владата формира национален комитет за заштита и безбедност на новинарите
Комитетот ќе координира институции и медиуми и ќе подготви национален акциски план до 15 декември.

Владата донесе одлука за формирање национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, информира владината портпаролка Марија Митева на попладневната прес‑конференција. Комитетот треба да воспостави организиран механизам за координација помеѓу надлежните институции и медиумските организации за превенција и заштита на новинарите.
Национален акциски план до 15 декември
Митева појасни дека комитетот ќе изготви национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември оваа година, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки. Планот ќе почива на четири суштински области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и едукација.
Во делот на превенцијата ќе се става акцент на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите, додека за заштитата се предвидени механизми за итна реакција, полициска и правна заштита. Мерките ќе вклучуваат и реакција и заштита од закани во дигиталниот простор, односно на социјалните платформи.
Марија Митева нагласи дека е особено важно ефикасното постапување при напади или закани: "Сакаме ова прашање да добие континуиран институционален третман, со јасни обврски, но и со конкретни механизми за постапување. Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита", рече Митева.
Комитетот ќе работи и на обезбедување навремени истраги и соодветни санкции согласно законските надлежности, преку соработка со надлежните органи. Четвртиот сегмент на акциониот план ќе биде посветен на едукација, обуки и активности за подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија.
Во составот на комитетот се очекува да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио‑телевизија и Здружението на новинарите на Македонија. Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа.
Обраќајќи им се на новинарите, Митева рече: "вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме". Таа додаде дека определбата на Владата е институциите да останат отворени за јавноста, да се почитува слободата на изразувањето и секој новинар да може професионално да ја извршува својата работа без селективна заштита.
Фото: Принтскрин


