Почетна
Македонија

ВМРО‑ДПМНЕ предлага закон со кој договорите на дело ќе се трансформираат во редовни вработувања

Пратеникот Бојан Стојаноски го образложи планот: институциите имаат 90 дена да донесат решенија, а трансформацијата треба да заврши до 31 декември 2027.

·Македонија
ВМРО‑ДПМНЕ предлага закон со кој договорите на дело ќе се трансформираат во редовни вработувања

ВМРО‑ДПМНЕ предлага законско решение според кое лицата ангажирани со договор на дело и други форми на договорен ангажман во дел од јавните институции ќе добијат можност да преминат во работен однос на неопределено време, образложи пратеникот Бојан Стојаноски на прес‑конференција во Собранието.

Во предлог‑законот се предвидува дека во опфат ќе бидат оние кои имаат важечки договори на денот на влегувањето на законското решение во сила. Станува збор за ангажмани преку договор на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања или други договори на определено време, но кои всушност го обезбедуваат тековното функционирање на институциите.

Фазна трансформација и рокови

Доколку законот добие поддршка во пленумот, институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето на сила на законот да ги склучат договорите или да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно: за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година. Таму каде е потребно, институциите ќе имаат рок од 14 дена да ги усогласат актите за систематизација.

„Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина“, рече Стојаноски, додавајќи дека со законското решение се исполнува долгогодишно нерешен проблем.

Додека трае постапката, предлог‑законот предвидува заштита: институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот. „Со други зборови, воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација“, рече пратеникот.

Од 1 јануари 2028 година за институциите опфатени со законот ќе важи ограничување на бројот на лица што може да се ангажираат со договор на дело — најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот на претходната година, со одредени исклучоци и можност за надминување најмногу четири месеци во една фискална година со претходна финансиска согласност. Предвидени се и исклучоци за еднократни проекти, проекти финансирани од странски извори, адвокати за правна помош, овластени сметководители и одредени стручни ангажмани.

За раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата се предвидени прекршочни санкции — глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност. Министерството за финансии ќе има важна улога во контролата преку издавање согласности за обезбедени финансиски средства и може да не даде согласност ако не се исполнети законските услови или трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства. „Значи, не нудиме неодржливи ветувања, туку законски механизам со конкретни рокови, обврски и правила“, рече Стојаноски.

Пратеникот посочи и кои категории се изземени од опфатот: акционерски друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции. „Ова го нагласувам затоа што сакаме граѓаните да имаат точна информација за опфатот на законот, без нејаснотии и без создавање погрешни очекувања“, додаде тој.

Фото: Архива

Поврзани написи