Народниот правобранител алармира: лоши услови и недостаток на здравствена грижа во 11 затвора
Извештајот наведува еден лекар на 691 лице, една сестра/техничар на околу 461 лице и проблеми со пристапот до специјалисти и дијагностика.

Народниот правобранител алармира за сериозни проблеми во обезбедувањето здравствена грижа во казнено-поправните установи по извршен увид во 11 затвора низ државата. Во извештајот се наведени кадровски и логистички недостатоци кои, според службата, го загрозуваат здравјето на лицата во притвор и казна.
Како клучни бројки се истакнува еден лекар на 691 лице и една сестра/техничар на околу 461 лице. Во документот е нотирана и нерамномерна и ризична распределба на здравствени работници и одложен пристап до специјалисти.
Во извештајот се посочува и недостиг на возила и персонал за спровод, како и задоцнувања при извршување дијагностика и пристигање на резултати, што ја отежнува навремената медицинска интервенција.
Терапија, доверливост и континуитет
Инспекторите забележале непостојана и ризична дистрибуција на терапија: во некои установи терапијата ја даваат затворските службеници, а во други набавката зависи од семејството на осудените. Народниот правобранител предупредува дека тоа создава ризик од прекин на терапијата, грешки во дозирањето и повреда на медицинската доверливост.
Посебно е потенциран и слабата превенција и грижа за менталното здравје — постои недостиг од психијатриска и психолошка поддршка и потреба за посистемски, мултидисциплинарен пристап со акцент на превенција од самоубиства.
Претрупаноста е уште една сериозна забелешка: во 7 од 11 установи бројот на лица го надминува капацитетот, со што расте притисокот врз здравствениот кадар, хигиената, превенцијата и логистиката. Народниот правобранител бара премин од формално обезбедената услуга кон мерлива, навремена и континуирана здравствена грижа во секој затвор во земјата.
Фото: прес-материјал од настанот


