Државниот совет: Градоначалниците и советите да одговараат ако не формираат совети за превенција на детско престапништво
Советот презентира 2025 извештај и бара префрлање на одговорноста во Законот за локална самоуправа додека Скопје регистрира најмногу случаи.

Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца денеска го презентираше Годишниот извештај за 2025 година и побара градоначалниците и советите на општините да бидат законски одговорни доколку не формираат функционални локални тела за превенција на детско насилство и булинг.
Советот посочи дека единствено Општина Охрид и Тетово сериозно ја сфатиле таа обврска, додека Советот на Град Скопје, градоначалникот и советите на скопските општини не ја исполниле, иако во главниот град се бележи најголем број случаи и најмногу жртви – деца.
„Како еден од најзначајните предизвици и понатаму се издвојува неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем број Општини. Во дел од Општините овие тела воопшто не се формирани, во други постојат, но не се активни, додека само мал дел функционираат и ги реализираат предвидените активности“, рече претседателката на Државниот совет, професорката по Кривично право д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Меѓу препораките во извештајот е законска измена со цел одговорноста за неформирање функционални општински совети да се префрли од Законот за права на детето во Законот за локална самоуправа, каде по мислење на Советот ѝ е местото. Советот дополнително ги повика локалните самоуправи да изработуваат годишни програми за работа, да обезбедат финансиска поддршка и активна ангажираност на институциите.
Државниот совет забележа и пропусти во институционалната соработка со дел од судовите во 2025 година — не биле доставувани потребни податоци или доставуваните податоци биле несоодветни за индикаторите за спроведување на Законот за правда за децата. Советот оцени дека е неопходно унапредување на соработката и обезбедување навремени и квалитетни податоци.
Клучни податоци од извештајот покажуваат дека вкупно 1.201 дете во судир со законот било евидентирано во 2025, односно било повикано во полициска станица, што е намалување за 45 деца или четири проценти во споредба со 2024 кога биле евидентирани 1.246 деца. Советот објаснува дека евидентираното намалување од 50 проценти во категоријата деца во ризик се должи на промената на опфатот на индикаторот — во таа категорија сега се вклучуваат деца до 14 години, а воведен е посебен индикатор за деца од 14 до 18 години. Бројот на девојчиња во ризик е намален за 55 проценти во однос на 2024 и за 47 проценти во однос на 2023, исто така поради изменетата методологија.
Според извештајот, најмногу евидентирани жртви се од Министерството за внатрешни работи – 694, потоа од јавните обвинителства – 629, од судовите – 404 и од центрите за социјална работа – 334. Најголемото зголемување, од 118 проценти во однос на 2024, е забележано во судовите.
„Превенцијата на детското престапништво бара континуирана институционална соработка, функционални локални механизми и соодветни финансиски ресурси. Заштитата на правата и најдобриот интерес на децата треба да претставува заеднички приоритет на сите надлежни институции и локални самоуправи“, рече проф. д-р Лажетиќ.
Фото: СДК.МК)


