Двајца бугарски пратеници, и покрај забрана, присуствуваа на судење во Кочани
Крсто Врачев и Ангел Георгиев беа на рочиштето на Ива Михајлова во Кочани иако судска одлука на Основниот суд Битола им забранува влез во РСМ.

Двајца пратеници од бугарската партија Преродба присуствуваа на рочиште во Основниот суд во Кочани и покрај тоа што, според судска одлука, им е забранет влез во Република Северна Македонија.
Крсто Врачев и Ангел Георгиев објавија фотографии од судницата во која се води предметот против 23-годишната Ива Михајлова, која има двојно македонско и бугарско државјанство. Двајцата пратеници ја искористија посетата за да упатат критики кон начина на постапување во случајот и обраќање до Европската Унија во одбрана на обвинетата.
Пресуда и забрана за влез
Појавувањето на Врачев и Георгиев е во спротивност со пресудата на Основниот суд Битола под ознаката ПРК-О-263/25, со која на вкупно 27 лица — сите пратеници на Преродба — им била забранета дури и влезната дозвола во Македонија затоа што, како што судот утврдил, нелегално ја преминале македонско-грчката граница и повеќе денови незаконски престојувале на територијата. Во пресудата се наведува дека групата била осудена на 8-ми август лани и дека ѝ се изречени и парични казни.
Во текстот од пресудата се наведува: "Од извршени проверки во системот на за контрола на патници и возила на МВР на РСМ констатирано е дека наведените лица немаат остварено легален влез во државата и истите нелегално ја преминале државната граница од Р.Грција во Р.С. Македонија на 15.06.2025 , ИЗВАДОК ОД ПРЕСУДА ПРК-О- 263/25 НА ОСНОВЕН СУД БИТОЛА."
Министерството за внатрешни работи на РСМ, на прашањето за преминувањето на границата, одговори дека не дава податоци за влез и излез на лица по барање на трети лица: "Министерството за внатрешни работи не споделува информации за влез и излез на лица по барање на трети лица. Tакви информации се доставуваат исклучиво по барање на надлежен државен орган, согласно законските прописи, или на самото лице за негови лични потреби, согласно важечките процедури," велат од МВР.
Ива Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа со загинат, но таа и нејзиниот адвокат негираат вина и побарале да ѝ се вратат пасошите за да продолжи со лекување во Бугарија. Адвокатот потврди дека е поднесено конзилијарно мислење како дел од новото барање до кочанскиот суд; судот треба да одлучи во текот на наредната недела. Покрај забраната за влез, судот порано им изрекол и прекршочни казни во износ од 50 до 230 евра.
Фото: прес-материјал од настанот