Во судот: терминалите на Државна лотарија купени за 9,7 милиони евра стојат во магацин
Советник тврди дека набавката на терминалите била спроведена без целосно вклучување на управниот одбор и дека Ново ВЛТ бил основан под притисок.

Судскиот процес против поранешниот вицепремиер Артан Груби и останатите во предметот Државна лотарија продолжи со сведокот Андреј Крстевски, економист и советник за имплементирање проекти во кабинетот на генералниот директор на државното претпријатие.
Сведок: вл-терминалите се набавени, но не се ставени во функција и стојат во магацините
На прашање на обвинителот Александар Давчевски, Крстевски — кој, како што рече, од април 2022 до октомври 2024 година бил член на Управниот одбор и со години има увид во функционирањето на Лотаријата — објасни како се формираат управните тела и како се смени начинот на работа по смената на раководството.
„Членовите на управен и надзорен одбор доаѓаат на предлог на владата, по претходен партиски филтер. Моментално сум член на граѓанската иницијатива Грин. Тогаш бев член на ЛДП”, рече Крстевски, додавајќи дека бил член на надзорен, потоа на управен одбор и потоа заменик-директор.
Тој сведочеше дека додека Катица Николова-Парнакова била директорка, материјалите се доставувале во текот на денот и имало простор за нивно разгледување, а објаснувањата често се давале на „зум”, додека во времето на Перпарим Бајрами документите пристигнувале подоцна и времето за размислување било пократко.
Крстевски рече дека основањето на Ново ВЛТ — за организирање електронски игри на среќа — било доставено „буквално во пет до 12” и требало да се изјаснат брзо поради притисок од Владата. Тој додаде дека директорката Катица била против таа идеја и поради тоа била сменета.
За набавката на терминалите сведокот кажа: „За набавката на вл-терминалите, Бајрами ме повика во кабинетот, ми кажа дека идејата е за разбивање на монополот, дека има план да се набавуваат видео лотариско апарати. Тогаш бев член на УО но до мене не стигнаа материјали да се изјаснам формално за тоа. Дека се набавуваат, дознав дури откако беа набавени. Не беа ставени во функција, се чекаа некои решенија”. Согласно сведочењето, терминалите биле набавени за 9,7 милиони евра, но останале неактивни и складирани.
За односите меѓу Бајрами и Груби, Крстевски рече: „Освен тоа дека беа пријателски, беа од иста партија и учествуваа на партиски собири, директорот Бајрами го ословуваше Груби како ‘шефот’ и во суперлатив”.
Во вкрстено прашање, првообвинетиот го праша дали седниците се одржувале и преку Вибер група. „Имаше Вибер групи, но не можам да се сетам дека имаше гласање на Вибер група”, одговори Крстевски. Тој потврди дека на записниците нема забелешка дали гласањето било брзо или бавно и дека гласал за финансиски план, при што нагласи дека планот е само рамка, а за набавка од ваков опфат требало поголемо инволвирање.
На прашање на адвокатот на Бајрами, сведокот потврди дека апаратите се во магацините на Државна лотарија.
Покрај Груби и Бајрами, обвинети во предметот се Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев и Фатмир Рамадановски. Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако закonskoto право веќе било доделено на компанијата Casinos Austria. Според обвинението, Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
Фото: СДК.МК)


