Двајца пациенти со западнонилска треска на механичка вентилација
Од седум потврдени случаи две лица (76 и 66) се во критична состојба на Одделот за интензивно лекување на Клиниката за инфективни болести.

Двајца пациенти заразени со западнонилска треска, на возраст од 76 и 66 години, се во критична состојба и се на механичка вентилација на Одделот за интензивно лекување на Клиниката за инфективни болести, информираше директорот д-р Фадил Цана.
Од вкупно седум потврдени случаи на ова вирусно заболување, кај двајца пациентите состојбата се влошила и тие се ставени на респираторна поддршка, истакна Цана.
Во врска со помладиот од двата критични случаи, Цана појасни: "Шеесет и шестгодишниот пациент е хоспитализиран на 26 јули, а поради влошување на здравствената состојба и проценка на лекарите од интензивна нега, е интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има повеќе придружни заболувања". За 76-годишниот пациент нема дополнителни јавни информации освен дека е на механичка вентилација и ја прима соодветната интензивна нега.
Состојбата кај останатите пациенти
Според податоците од Клиниката, сите седум потврдени пациенти се од скопски населби, а само еден од нив имал престој во Грција. За уште тројца пациенти кои беа примени со дијагноза акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, се очекуваат резултатите од лабораториските анализи во Институтот за јавно здравје.
Како што посочи директорот, "Седум случаи се потврдени, а кај уште тројца постои големо сомнение дека се работи за истата инфекција". Тој додаде дека сите останати пациенти се над 60-годишна возраст и имаат повеќе хронични заболувања, но во моментов се стабилни и се лекуваат според современи медицински протоколи.
Цана истакна дека за западнонилската треска не постои специфичен лек и се примарно се применува симптоматска и супортивна терапија, а при влошување на состојбата се постапува според меѓународните протоколи. Тој нагласи и дека "Не може однапред да се процени како вирусот ќе дејствува во организмот. Затоа пациентите се хоспитализираат, следат и се мониторираат од страна на инфектолозите".
Клиниката за инфективни болести останува отворена за прием на пациенти и е во координација со здравствените институции. Од таму апелираа до граѓаните да ги следат препораките од надлежните служби за заштита од вирусот.
Фото: Слободен печат - Методи Здравев