Почетна
Македонија

Најмладата пациентка со мозочен удар има 16 години

Лекарите предупредуваат на растечки број млади пациенти и речиси исполнети капацитети; на плоштадот се правеа бесплатни скрининзи.

·Македонија
Најмладата пациентка со мозочен удар има 16 години

Мозочниот удар сè почесто ги погодува и помладите возрасни: Клиниката за неврологија во Скопје пријавува дека најмладата пациентка во последниот бран имала само 16 години, а во моментов таму се лекува и 37-годишен пациент. Лекарите велат дека во изминатите две години честотата на млади случаи расте.

„Капацитетите овие денови се исполнети. Ние располагаме со околу 57 до 59 легла, некогаш може да додадеме и два кревета доколку има страшна гужва, меѓутоа овие денови речиси и да нема слободно место , како се испишува така се прима нов пациент. Бројот на пациенти кои што се со мозочен удар некаде кај нас се движи од 200 до 300 на 100.000 жители, што не води до врвот на статистиката по број на пациенти кои што ја имаат оваа болест,” вели д-р Јован Божиновски, директор на Клиниката за неврологија.

Симптомите што не смее да се занемарат се одземеност на раката или ногата, најчесто само на едната страна од телото, ненадејни промени и неразбирлив говор, вртоглавица, гадење и повраќање. Лекарите нагласуваат дека секоја минута е важна: колку побрзо пациентот добие медицинска помош, толку поголеми се шансите за успешно лекување и намалување на трајните последици.

Генетиката е еден од факторите врз кои не можеме да влијаеме, но ризикот може да се намали со контрола на крвниот притисок, шеќерот и мастите во крвта, како и со поздрав начин на живот. Дополнително, стресот и прекумерното консумирање алкохол можат да го зголемат ризикот.

„Болеста е меѓу првите болести по инвалидитет. настаува наеднаш, настанува акутно од добро здравје пациентот наеднаш настанува хендикепиран. Таквиот пациент има зголемен ризик за да добие мозочен удар дали тоа ќе биде крварење или ќе биде дисхемичен мозочен удар . Ако добро ја контролира хипертензијата може да биде сосем добар и никогаш да не добие мозочен удар,” додава Божиновски.

На Градскиот плоштад во Скопје Клиниката за неврологија организираше превентивни активности за подигнување на свеста. Граѓаните бесплатно можешеa да го проверат крвниот притисок, нивото на шеќер и холестеролот. Слични акции се спроведоа и во Тетово, Штип, Кавадарци и Охрид со цел информирање за ризик-факторите и важноста од навремена превенција.

Прегледите продолжуваат и утре на Клиниката каде што ќе се вршат бесплатни прегледи; граѓаните кај кои ќе бидат утврдени ризик-фактори ќе бидат повикани на дополнителни испитувања и контроли.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи