Министерство за здравство: се работи на проширување на бројот на лица со тип 1 дијабет со сензори
Претходната набавка од 2026 година ги зголеми количините и опфати ранливите групи, пациентските здруженија бараат универзален пристап.

Министерството за здравство соопшти дека работи на проширување на бројот и опфатот на лицата со тип 1 дијабет со сензори за мерење на шеќерот во крвта, во рамки на расположливите буџетски средства.
Јавни набавки и кој е веќе опфатен
Од министерството потенцираат дека претходната јавна набавка е склучена во 2026 година и важи до 2028 година. Во меѓувреме, со сензори се обезбедени сите лица со тип 1 дијабет до 25‑годишна возраст, бремените жени, слепите лица и лицата со најтешки компликации и коморбидитети.
Како што се наведува, пред три години државата обезбеди сензори за 650 деца, а со јавната набавка во 2026 година зголемени се количините и се обезбедени сензори за 800 лица. Исто така, во 2025 година првпат се набавени инсулински пумпи без катетер за 15 деца со тип 1 дијабет, а моментално околу 400 корисници со тип 1 дијабет користат инсулинска пумпа со приоритет за децата.
Во 2025 година, според министерството, се набавиле и квалитетни глукомери за сите 45.000 лица со дијабетес мелитус кои се на инсулинска терапија. Министерството останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи да работи на подобрување на грижата за лицата со дијабетес.
Дел од здруженијата на лица со дијабетес реагираат и бараат државата да обезбеди сензори за сите лица со тип 1 дијабет. Зоран Стојковски, кој е дел од здруженијата, ги потсети здравствените власти на ветувањата и го повика актуелниот министер Сашо Клековски: "Значи ние зборуваме за право. Не зборуваме за луксуз. Зборуваме за нешто кое министерството за здравство особено овој министер, бидејќи веруваме во него, знаете како пред секои избори доаѓаат претставници од ваму и таму каде што важни луѓе од партијата која што е на власт ветија дека ако дојдат на власт веднаш ќе обезбедат сензори – не е за тоа што ветиле, едноставно мора да имаат должност кон своите граѓани".
Според статистиките, во Република Северна Македонија има околу 4.000 лица со дијабетес тип 1. Современите сензори им даваат на пациентите подобра контрола на шеќерот и навремен аларм за промени во здравствената состојба, велат застапниците.
Фото: прес-материјал од настанот


