Почетна
Македонија

Две паралелки првачиња во Хром споени во една со 36 деца

Родителите тврдат дека спојувањето го крши член 53 став 4 од Законот за основно образование; општината вели дека продолжениот престој не е ограничен.

·Македонија
Две паралелки првачиња во Хром споени во една со 36 деца

Во основното училиште „Димитар Поп‑Георгиев Беровски“ во скопската населба Хром две паралелки од прво одделение по завршување на редовната настава се споени во една група за целодневна настава, велат родители кои реагираа поради недостаток на наставен кадар. Според нив, за обединетата паралелка е задолжена само една наставничка.

Родителите на учениците од 1‑г и 1‑д испратиле писма до директорката на училиштето, до градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски, до Секторот за образование при општината и до Министерството за образование со барање веднаш да се обезбеди дополнителен наставен кадар и паралелките да се разделат според тоа како беа распределени за редовна настава.

Родителите го повикуваат законот, општината вели продолжениот престој не е ограничен

„Во мај кога ги запишувавме децата во училиште пријавивме дека ќе посетуваат целодневна настава. Но, иако од училиштото знаеле колку првачиња ќе има годинава, не е обезбеден наставен кадар и сега две парaлелки се споени во една. По кој критириум баш овие две парaлeлки се споени во една од 36 ученици? Согласно член 53 став 4 од Законот за основно образование, бројот на ученици во една паралелка треба да биде од 20 до 30 деца. Во нашето училиште паралелката е составена од 36 ученици, што претставува директно кршење на оваа законска одредба. Сметаме дека еден наставник е недоволен за ефикасно и безбедно изведување на работата со група од 36 ученици. Ова е особено критично за учениците од прво одделение на кои им е потребен зголемен надзор и индивидуална поддршка во адаптацијата кон училлишната средина“, велат родителите на првачиња од основното училиште „Димитар Поп‑Георгиев Беровски“.

Од Секторот за образование при Општина Ѓорче Петров одговорија дека „Членот 53 кои го наведуваат родителите се однесува на бројот на ученици во одделението, но не и за продолжениот престој, каде бројот на деца не е законски определен. По проверка на состојбата во одделението утврдено е дека бројката на деца не е 36 туку 34, со тенденцијата дека бројката на деца со целодневна настава ќе опаѓа во наредниот период“.

Министерството за образование соопштило дека тоа е прашање кое е во надлежност на раководството на училиштето и на општината во која припаѓа училиштето, и ја доставило истата порака што ја добиле и од општината.

Родители и жители на Хром велат дека населбата во последните 15 години драстично се промени — куќи беа заменети со згради, а инфраструктурата не ги следеше темпата на растот. Училиштето е изградено на мала парцела, без училишен двор и сала, а спорните улици и тротоари, како и паркирањето, ја отежнуваат секојдневната организација за наставата, тврдат родителите.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи