ДЗР: ЖРСМ Транспорт со девет функционални локомотиви и акумулирана загуба од 6,75 милијарди денари
Ревизорите укажуваат на ниска оперативна готовност, неисправен возен парк и проблени во управувањето со залихи и гориво.

Државниот завод за ревизија утврди дека Железници на Република Северна Македонија (ЖРСМ) Транспорт АД Скопје располага со 62 локомотиви, но во функција се само девет. Во ревизорскиот извештај се наведува дека загубата за 2024 година изнесува 331,8 милиони денари, а заедно со пренесените загуби од претходните години вкупно достигнува 6,75 милијарди денари.
Ревизијата покажува дека и патничкиот возен парк е во лоша состојба: од 16 патнички гарнитури само 5 се во функција, а од 47 патнички вагони само две се во редовен сообраќај и се користат за превоз на патници.
Аудиторите укажуваат на неправилности при управување и евиденција на залихите — суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и авто гуми. Според извештајот, 71% од залихите или 342.345 илјади денари односно 5.548.000 евра се постари од 2019 година, а на крајот на пресметковниот период не е направено нивно вредносно усогласување.
Несоодветно ракување со деривати и пролонгирање на обврски
Во делот за управување со нафтени деривати ревизорите констатираа несоодветно, недомаќинско и небезбедно ракување при прием и издавање нафта, што може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Опремата за мерење е застарена и импровизирана, лесна за манипулација и не ја прикажува реалната состојба на дериватите во секој момент.
Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи чијшто мерачи подолг временски период не се верификувани/баждарени. Ревизијата исто така ја критикува праксата компанијата да поднесува приговори на решенија за платни налози наместо навремено подмирување на доспеаните обврски, што резултирало со пролонгирање на судските постапки и значително зголемување на обврските по основ на главен долг, камати и судски трошоци.
Фото: прес-материјал од настанот


