Почетна
Македонија

Институтот за родови студии бара враќање на терминот „род“ во учебната програма, МОН одбива

Институтот тврди дека исфрлањето на „род“ слабее часовите за родова рамноправност и превенција, а Министерството е категорично дека нема понатамошна ревизија.

·Македонија
Институтот за родови студии бара враќање на терминот „род“ во учебната програма, МОН одбива

Институтот за родови студии при Филолошкиот факултет побара враќање на терминот „род“ во преработената програма што порано беше наречена Сеопфатно сексуално образование, а сега носи назив „Здравје и заштита на здравјето“. Од институтот сметаат дека отстранувањето на тој поим остава празнини во начинот на кој училиштата треба да обработуваат родовата рамноправност, родовите стереотипи и родовото насилство.

Доц. д-р Стефан Васев, социолог на Филолошкиот факултет Скопје, предупреди дека изоставувањето на поимот може да доведе до погрешно насочување при едукацијата на средношколците. „Не треба да има дискусија. Тој треба да биде дел, затоа што може да отидеме и во насока на погрешно учење на младите, односно на средношколците. Заради тоа што точно знаеме што се родови стереотипи, што се родови предрасуди, што е родова дискриминација. И сега вие треба да ги насочите тие аспекти, да ги изучувате дискриминација, стереотипи, предрасуди, а да останат на индивидуално, односно субјективен критериум што е дискриминација, стереотип, предрасуди, итн.“, вели тој.

„Хера“: Безбедноста на децата не смее да се загрози

Платформата за заштита на права во областа на репродуктивното здравје „Хера“ остро реагира дека слабеењето на научните поими и на содржините за превенција ја намалува заштитата на децата. „Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош кога им е потребна. Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат. Државата има обврска да ги подготви младите за животот, а не да ја прилагодува науката на нечии идеолошки убедувања“, велат од „Хера“.

Од Министерството за образование и наука појаснуваат дека измените се конечни и дека биле направени по анализа на јавното и стручното мислење, вклучително и забелешките од претставниците на Комората на психолози. „Интегрирани се забелешките кои најчесто се повторуваа од различните субјекти кои ги посочуваа, но суштината на предметот останува иста – едуцирање на младите за заштита на личното здравје, а наставниците се обучени како на најдобар можен начин да им помогнат на учениците во тоа преку пренесување на знаењето. Не е предвидена дополнителна ревизија на програмата“, појаснуваат од МОН.

Според Бирото за развој на образованието, преработената програма што сега се вика „Здравје и заштита на здравјето“ ги отстранува термините „сексуално образование“, „род“ и „сексуални права“ од називите на темите и наставните единици. Темата „Род и родова рамноправност“ е преименувана во „Рамноправност“, а лекцијата за родова еднаквост, родови стереотипи, дискриминација и сексизам е заменета со лекција за стереотипи, предрасуди и дискриминација.

Експертите што ги следат наставните програми велат дека промена од овој тип поставува прашање дали наставниците ќе ги обработат специфичните општествени динамики што поимот „род“ ги опишува и дали содржините во предметот социологија доволно ги надоместуваат тие теми во рамките на здравственото образование.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи