Четири потврдени случаи на морбили во Македонија, две бебиња меѓу заболените
Еден случај во Скопје, Велес и Штип и еден увезен од Косово; институциите ја проверуваат евентуалната поврзаност и повикуваат на вакцинација.

Министерот за здравство Сашо Клековски потврди четири случаи на морбили во Македонија. По еден случај е регистриран во Скопје, Велес и Штип, а четвртиот случај е увезен од Косово.
Од трите домашни случаи, две се бебиња на возраст од 12 месеци, а еден е возрасен пациент на 40-годишна возраст. Според министерот, сите заболени не се вакцинирани.
Клековски посочи дека бебињата до 12 месеци не се опфатени со рутинската вакцинација против морбили и дека тие треба да се заштитат преку имунизација на лицата во нивната околина.
Епидемиолошки проверки во тек
„Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје ги завршуваат епидемиолошките анализи за евентуална поврзаност и можност за поврзаност меѓу случаите. И многу наскоро ќе го објавиме тоа дали има поврзаност на трите случаи или не. Услови за прогласување епидемија во моментот нема. Значи, имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и во Бугарија, е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните – вакцинирајте се !“, рече министерот за здравство Сашо Клековски.
Здравствените служби засега не најавуваат мерки што би значеле прогласување епидемија, туку повикуваат на зголемена претпазливост и на покриеност со вакцинација кај населението.
Фото: прес-материјал од настанот


