Почетна
Македонија

Четири потврдени случаи на морбили во земјава, се испитува поврзаноста

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека нема услови за прогласување епидемија и апелира за вакцинација.

·Македонија
Четири потврдени случаи на морбили во земјава, се испитува поврзаноста

Во земјава се потврдени четири случаи на морбили: еден странски државјанин и три македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Од домашните случаи, две се бебиња до 12 месеци, а еден пациент е над 40 години; сите три домашни случаи се невакцинирани, соопшти Министерството за здравство.

Се истражува поврзаноста, нема услови за прогласување епидемија

Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје ги завршуваат епидемиолошките анализи за евентуална поврзаност меѓу случаите, додадоа од министерството. Во моментов нема услови за прогласување епидемија, истакнаа надлежните.

Министерот за здравство Сашо Клековски повика на претпазливост и ги објасни мерките кои се преземаат. „Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и нив треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината,“ изјави денеска министерот Сашо Клековски.

Клековски апелираше граѓаните да ја проверат својата имунизациска состојба и ги повика здравствените работници да осигурат дека имаат две дози или доказ дека ја прележале болеста. „Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и на Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози на вакцината или дали сте прележале од болеста. Ова посебно го апелирам до здравствените работници да го направат, бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, не одите на доктор, јавете се на доктор. Сипаниците се високо заразни и секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт точка за сипаниците се во основа чекалниците во здравствените установи. Вирусот е активен околу два часа во воздухот и доколку тоа релативно широка зона на ризик и мислам дека треба да бидеме максимално претпазливи во однос на тоа,“ рече Клековски.

Од министерството посочија дека веќе се подготвени протоколи за здравствените установи и дека е побарано сите здравствени работници да ги проверат своите карти за вакцинации. Упатства за градинките и училиштата се доставени преку соодветните министерства, а преземени се и протоколи за граничните премини. Пред патување кон Косово и Бугарија е совет да се провери вакциналниот статус, бидејќи во тие земји е прогласена епидемија.

Едно од бебињата беше хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и е пуштено на домашна нега, во добра состојба. Издадена е наредба Клиниката за детски болести да се подготви за прифаќање на вакви случаи затоа што Инфективната клиника не е целосно опремена за третман на бебиња, а Комисијата за заразни болести веќе заседава.

„Значи имаме четири од кои три домашни случаи; се испитува нивната врска, таа ќе биде објавена; имаме препораки за граѓаните и за институциите, без оглед дали се здравствени или образовни и сега е до нас да направиме сè овие три случаи не станат повеќе случаи. Сите треба да бидеме со зголемена претпазливост и градинките и училиштата. Апелирам и до родителите како што не треба да ги носат децата во чекална во здравствена установа, ако се појави зголемена температура, црвенило на очите, осип, така да не ги носат и во градинките. Има доволно вакцини, имаме 14.000 вакцини на залиха што се во моментов достапни. Имаме можност за зголемување на бројот на количини. Минатиот пат кога се прогласија епидемии се употребени околу 50.000 вакцини, генерално затоа што има големо заостанување од претходни генерации заради недоволниот отпор на вакцинација,“ додаде Клековски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи