Почетна
Македонија

Ивановиќ: Црна Гора е силна поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ

Вицепремиерот Ивановиќ најави поддршка при членството на Црна Гора во ЕУ во 2028 и зајакнување на инфраструктурните врски, вклучувајќи автопат и авиолинија.

·Македонија
Ивановиќ: Црна Гора е силна поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ

Црна Гора ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, порача вицепремиерот на Црна Гора задолжен за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ, за време на неговата дводневна работна посета на земјава.

Ивановиќ истакна дека Подгорица се залага проширувањето на Европската унија да биде по заслуги и нагласи дека Црна Гора, како предводник во преговорите, очекува да стане полноправна членка во 2028 година. Тој додаде дека членството нема да значи повлекување од регионот, туку појачана поддршка за другите држави од Западен Балкан.

„Кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската унија ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција со желба што побрзо да се најдеме заедно во европското политичко семејство. Македонија може да биде сосема сигурна дека во Црна Гора ќе има доверлив партнер“, истакна Ивановиќ.

Односите и практичната соработка

На заедничката прес‑конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, двајцата потврдиле дека меѓусебните политички односи се одлични и дека не постојат отворени билатерални прашања, што отвора простор за продлабочување на економската и инфраструктурната соработка.

Како главен проект беше именувано поврзувањето со пристаништето Бар во Црна Гора преку веќе започнатата изградба на автопатот Скопје – Блаце, што според вицепремиерот Николоски ќе ја оствари таа врска и ќе го зголеми пристапот на земјава до морските терминали.

„Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето во Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море, да имаме излез на најмалку три пристаништа“, рече Николоски.

Исто така беше соопштено дека од 1 мај се воспоставува авиолинија Скопје – Тиват која ќе сообраќа двапати неделно, што, според официјалните лица, ќе го олесни патниот и бизнис сообраќај со Црна Гора.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи