ЕБР слави 25 години во Битола: најави за модернизација и усовршување на кадарот
Единицата за брзо распоредување одбележа 25 години од формирањето; министерот најави модернизација и обуки за кадарот.

Со свеченост пред Офицерскиот дом во Битола, Единицата за брзо распоредување (ЕБР) одбележа 25 години од своето формирање, при што беа истакнати нејзиниот развој од 2001 година до денес и плановите за натамошна модернизација, техничко опремување и усовршување на кадарот.
„Од своето формирање во 2001 година до денес, ЕБР помина долг развоен пат и прерасна во високопрофесионална, мобилна, обучена и оперативно подготвена полициска формација“, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој потенцираше дека ЕБР претставува еден од клучните столбови на безбедносниот систем и нагласи дека современиот организиран криминал бара нов пристап и современа технологија.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Во сложени полициски операции, во поддршка на други организациски единици, при обезбедување лица и објекти, при нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, во ситуации во кои се потребни значителни полициски капацитети, но и секогаш кога граѓаните и државата се соочуваат со предизвици што бараат брза, организирана и професионална реакција“, рече Тошковски.
Тактичка вежба, опрема и признанија
Во рамки на одбележувањето беше изведена тактичко-показна вежба во која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност, а посетителите имаа можност да ја разгледаат изложената специјализирана опрема што ја користи единицата.
По повод јубилејот беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов, кој доби благодарница за постигнатите резултати. Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Плакети за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР добија и Ристо Ставревски, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи, Ѓорѓи Божинов, шеф на кабинет на директорот на Бирото за јавна безбедност, и Васко Наумовски, началник на Одделот за специјални полициски операции. Вкупно 33 припадници на единицата добија плакети за 25 години дел од ЕБР.
Командантот на ЕБР, Стојанче Николов, нагласи дека јубилејот е повод за гордост, но и потсетник на одговорноста што ја носат генерациите припадници на единицата, посочувајќи дека зад секоја успешно реализирана задача стојат луѓето кои секојдневно ја градат единицата.
Фото: МВР