Еди Рама постави столчиња пред неговиот кабинет и ги повика демонстрантите на дијалог
Рама остави столчиња со порака „дијалог“ и рече дека е достапен за разговори, но не со насилниците.

Албанскиот премиер Еди Рама утрово постави неколку столчиња пред зградата на владата и ги повика демонстрантите да седнат и да зборуваат за своите барања, истакнувајќи дека тој и Владата се достапни за дијалог.
Рама нуди дијалог без услови, но не со оние што вршат насилство
На столчињата беа поставени листови хартија на кои пишуваше „дијалог“. Како што се јавува од местото на настанот, Рама лично се погрижил за организацијата на симболичниот чин пред владината зграда.
По поставувањето, Рама порача: „Кој сака дијалог, без услови, каде сака, кога сака, дури и тука ако сака, јас сум достапен заедно со владата. Единствените што не се добредојдени се оние што вршат насилство и што не се дистанцираат од насилството“, и повтори дека нема да води преговори со оние кои вршат насилни дејства.
Тој додаде дека останува отворен да ги слушне и разгледа барањата на граѓаните, но и дека ќе бидат преземени строги мерки против поединци вмешани во насилство.
Антивладините протести, со барање за оставка на премиерот, започнаа на 13 октомври и беа проследени со судири меѓу демонстрантите и полицијата. До сега, според извештаи, вкупно 310 лица се повредени од почетокот на протестите.
Во протестите значајно учество имаат студенти кои ги наведуваат зголемените трошоци за образование, влошените услови на факултетските кампуси и обвинувања за корупција како главни причини за излегување на улица. Дел од револтот е предизвикан и од плановите за продажба на недопрени делови од албанската адриатска ривиера за изградба на луксузен комплекс, проект за кој се споменува дека е поддржан од Џаред Кушнер.
Фото: Принтскрин


