Почетна
Македонија

Еднонасочно во Мичурин и Стар Аеродром: планирани 415 паркинг места и патеки за велосипеди

Општина Аеродром најави дека со измената на режимот ќе се ослободи простор за дополнителни паркинг-места и велосипедски патеки.

·Македонија
Еднонасочно во Мичурин и Стар Аеродром: планирани 415 паркинг места и патеки за велосипеди

Општина Аеродром почна да работи на проект за воведување нов сообраќаен режим во населбите Мичурин и Стар Аеродром, што ќе опфати претежно улиците „Владимир Комаров“ и „Симеон Кавракиров“, објави градоначалникот Дејан Митески на социјалните мрежи.

Според најавеното решение, двете улици ќе станат еднонасочни, што ќе ослободи простор за велосипедски патеки и за дополнителни паркинг-места. „Со новиот режим ќе се овозможи подобро и поефикасно искористување на уличниот простор, со поорганизирано движење на возилата и создавање дополнителен простор за паркирање и за велосипедскиот сообраќај“, вели градоначалникот.

Бројката на паркинг-места и рокот за проектот

Општинските проценки покажуваат дека новиот режим ќе овозможи приближно 200 паркинг-места во Стар Аеродром и околу 215 во Мичурин — вкупно 415. На лентата по која ќе се одвива еднонасочниот сообраќај ќе има ограничување на брзината до 30 км/ч.

Како што беше посочено уште во август, оваа опција се разгледува како решение за долгогодишниот хаос со паркирањето во овој дел од општината. Рокот за изработка на проектот е 30 дена; по неговото завршување тој ќе биде поднесен до Град Скопје и до Министерството за внатрешни работи, по што ќе следи постапка за одобрување и имплементација.

Во описот на предложениот режим од локалната самоуправа стои: „Еднонасочниот сообраќај во делови од населбите Стар Аеродром и Мичурин ќе се одвива со една обележана лента за паркирање, како и друга за движење со ограничување од 30 км/ч. Оваа стратегија носи три клучни придобивки: повеќе паркинг-места, можност за воведување нови велосипедски патеки на делови од сообраќајниците каде што ширината тоа го дозволува и побезбеден сообраќај со намалена брзина.“

Во врска со тоа дали новите 415 паркинг-места ќе бидат бесплатни или ќе се воведе зонско паркирање, Општина Аеродром најави дека ќе спроведе анкета меѓу жителите, по што, врз основа на добиените ставови и консултациите, ќе се донесе конечна одлука.

Фото: Општина Аеродром

Поврзани написи