ELEVATE-SS форум во Скопје: Пристапноста како дел од искуството
Проектот ELEVATE-SS презентира дигитални обуки и технолошки решенија за персоналот и управувачите на стадионите.

Европски форум под мотото „EVERY FAN MATTERS – Секој навивач е важен!“ се одржа на 26 ноември 2026 година во Клубот на пратениците во Скопје, и ги собра европските експерти, спортските организации и претставниците на лицата со попреченост за да дискутираат како да се направат стадионите и спортските услуги покапитални за сите навивачи.
Настанот, кој е дел од европскиот проект ELEVATE-SS финансиран преку програмата Еразмус+ на Европската Унија, беше организиран во соработка со Министерството за спорт и вклучи претставници на фудбалски организации, спортски федерации, јавни институции, експерти за пристапност, технолошки партнери, спортисти и организации кои го застапуваат правото на луѓето со попреченост.
Технологија, обука и целосно искуство на навивачите
Учесниците нагласија дека пристапноста треба да се третира како континуиран процес кој ги опфаќа сите фази од искуството на навивачите – од купување билети и организирање превоз, преку влезот и безбедноста на стадионот, до пристапот до трибините, услугите и напуштањето на објектот. Понатаму беше укажано дека покрај инфраструктурата, клучни се комуникацијата, обучениот персонал и разбирањето на разновидните потреби.
Партнерите CampusAI и LTT Sports презентираа дигитални наставни алатки кои користат виртуелни сценарија, дигитални аватари и повеќејазични едукативни содржини. Целта е персоналот на стадионите – од редарските и безбедносните служби до вработените за продажба на билети и услуги за посетителите – да добие практични вештини за професионална и инклузивна комуникација.
„Нашата цел е јасна – да изградиме спортска инфраструктура во која пристапноста нема да биде само инфраструктурно прашање, туку дел од целокупното искуство на секој навивач. Тоа подразбира сè, од пристигнувањето на стадионот, купувањето билети и движењето низ објектот, до комуникацијата со персоналот и, секако, уживањето во спортските натпревари. Како Министерство за спорт, веруваме дека преку овој проект ќе придонесеме за унапредување на политиките за инклузија и пристапност во спортот“ – изјави Гордана Цветковска Бошевска, координаторка на проектот и посебен советник во Кабинетот на министерот за спорт за ЕУ-проекти и децентрализација.
КОНСТАНТИН ФЛОРИН ШАРИ, главен координатор на ELEVATE-SS и претставник на Фудбалската федерација на Романија, посочи дека пристапноста не значи само решенија за корисниците на инвалидски колички туку опфаќа различни форми на попреченост: „Проектот ELEVATE, преку своите цели и резултати, носи нови решенија за фудбалската заедница, а кога велам фудбалска заедница, мислам на целиот европски фудбалски екосистем. Овие решенија придонесуваат за остварување на една од клучните цели во актуелните дискусии за пристапноста на фудбалот за навивачите со попреченост. Пред сè, тука мислам на едукацијата на персоналот задолжен за продажба на билети, редарските служби, угостителските услуги, безбедноста и сигурноста на стадионите. Целта е овие лица подобро да ја разберат перспективата на навивачите со попреченост, како и нивните специфични потреби што мора да се земат предвид при организацијата на фудбалските натпревари. Зошто зборуваме за специфични потреби? Затоа што, кога станува збор за навивачи со попреченост, најчесто прво помислуваме на лица кои користат инвалидски колички. Меѓутоа, попреченоста има многу различни форми, вклучувајќи нарушувања во препознавањето на боите, интелектуална попреченост, дебелина, слепило и оштетувања на слухот.“
„Француската професионална фудбалска лига со големо задоволство учествува во проектот ELEVATE-SS, кој се реализира во рамките на програмата Еразмус+ и е кофинансиран од Европската Унија. Овој проект ќе им овозможи на француските фудбалски клубови активно да придонесат кон подобрување на пристапноста на спортските објекти, преку развој на конкретни решенија и интерактивни обуки наменети за персоналот на стадионите. Преку проектот се стремиме да ја подобриме пристапноста на нашите стадиони, бидејќи фудбалот е за сите. Нашата цел е да ја унапредиме инклузијата, да ја зголемиме пристапноста и да ја подигнеме свеста и знаењето за различните видови попреченост, со цел секој навивач да може подеднакво да ужива во натпреварите и активно да учествува во спортските активности. Особено ни е драго што сме дел од оваа иницијатива и што имаме можност да го споделиме француското искуство и перспектива, придонесувајќи кон заедничката европска соработка за создавање поинклузивен и попристапен фудбал за сите.“ – изјави Арнот Гуехуеле, партнер во проектот.
Организаторите истакнаа дека ELEVATE-SS обединува седум партнери од областа на спортот, образованието, технологијата и пристапноста и е предводен од Фудбалската федерација на Романија, со цел да развие и тестира дигитални образовни алатки кои ќе помогнат на клубовите, лигите и операторите на стадиони низ Европа.
Фото: прес-материјал од настанот


