Почетна
Свет

ЕП усвои правила за целосен поврат при откажан лет — на потег е Советот на ЕУ

Регулативата поставува строги рокови за поврат, стандардизирани обрасци и норми за рачен багаж, и треба да стапи на сила на 23 октомври 2027.

·Свет
ЕП усвои правила за целосен поврат при откажан лет — на потег е Советот на ЕУ

Европскиот парламент усвои нови правила за заштита на патниците кои предвидуваат целосен поврат на средствата за авионски билети купени преку туристички агенции или онлајн платформи во случај на откажан лет.

Регулативата беше усвоена со 652 гласа „за“, два „против“ и осум воздржани. Таа треба формално да биде одобрена од Советот на ЕУ и се очекува да стапи на сила на 23 октомври 2027 година.

Рокови за поврат и нови обврски

Според новите правила, авиокомпанијата ќе мора да ги префрли средствата до посредникот во рок од најмногу седум дена, додека агенцијата или платформата за резервации ќе има дополнителни седум дена за да му ги врати парите на патникот. Од посредниците ќе се бара да ги информираат корисниците за постапката за поврат на средства уште во моментот на резервацијата.

Правилата воведуваат и стандардизирани обрасци за барање поврат на средства и обештетување, достапни на сите јазици на Европската унија. Регулативата се однесува на воздушниот, железничкиот, патниот и поморскиот сообраќај.

Лицата со попреченост или намалена подвижност ќе можат бесплатно да бидат придружувани од едно лице, доколку неговото присуство е неопходно. Националните органи ќе добијат проширени овластувања за ревизии, инспекции и разговори со превозниците по сопствена иницијатива.

Покрај правилото за поврат на средства, од 23 октомври 2027 година ќе стапат и измени поврзани со рачниот багаж во авионскиот сообраќај: патниците ќе имаат право на рачен багаж со тежина до 7 кг плус еден личен предмет, а авиокомпаниите ќе бидат обврзани да ја прикажуваат цената на билетот во која е вклучен и рачниот багаж уште во моментот на резервацијата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи