Erasmus+ проектот „Wonder Learning for Digital Natives“: технологијата да ги поттикнува љубопитноста на учениците
Завршната конференција во Скопје ги претстави ресурсите и пристапите што ја насочуваат технологијата кон учење, создавање и критичко размислување.

Erasmus+ проектот „Wonder Learning for Digital Natives“ ја одржа завршната конференција на 23 септември 2026 година во Europe House Skopje, каде што меѓународните партнери, наставници и едукатори дискутираа за улогата на дигиталните алатки и вештачката интелигенција во современото учење.
На настанот, во организација на Институтот за применети истражувања за бизнис, беше ставен акцент на современата училница, дигиталните компетенции и практични пристапи кои ги поттикнуваат децата да експериментираат, создаваат и критички размислуваат, наместо само да примаат готови одговори.
Од брзи одговори кон поттикнување на прашањата
Во конференцијата учествуваше и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Директорката на Националната агенција, м-р Ана Михајлов, истакна: "Не е прашањето дали технологијата треба да биде дел од училницата, туку како таа трансформација да ја направиме паметна, инклузивна, безбедна и хумана".
Директорката на Институтот, д-р Биљана Ѓозинска, порача дека улогата на образованието се менува кога информацијата е достапна за неколку секунди: "во време кога информацијата е достапна за неколку секунди, задачата на образованието не е само да им даде одговори на децата, туку да ја зачува нивната желба да прашаат: Зошто? Како? А што ако...?"
Учесниците нагласија дека предизвикот не е да ја оддалечиме дигиталната генерација од технологијата, туку да создадеме образовни практики кои ќе ја насочат таа пристапност кон љубопитност и учење. На конференцијата беа претставени и конкретни образовни ресурси создадени во рамки на проектот, чија вистинска вредност ќе се мери преку нивната примена во училниците.
Иако партнерството во рамки на Erasmus+ формално заврши, организаторите очекуваат дека влијанието на проектот ќе продолжи преку практична употреба на материјалите и преку промена на наставните методи кои ги поттикнуваат учениците да истражуваат, создаваат и размислуваат.
Фото: прес-материјал од настанот


