Почетна
Македонија

Над 22.000 преземања на апликацијата „м.Услуги“ во првите 24 часа

Министерството: голем интерес, но користењето на дигиталните лични карти зависи од техничката и правната подготвеност на институциите.

·Македонија
Над 22.000 преземања на апликацијата „м.Услуги“ во првите 24 часа

Апликацијата „м.Услуги“ забележа над 22.000 преземања во првите 24 часа откако беше пуштена во употреба, соопшти Министерството за дигитална трансформација на 10 ноември 2026 година. Апликацијата им овозможува на граѓаните да имаат пристап до дигитални верзии на личните документи и до дел од јавните услуги преку мобилен телефон, но не беше доставен податок колку граѓани ја активирале апликацијата или го пополниле дигиталниот паричник.

Раст на електронските услуги, но ограничени податоци за користење

Паралелно со лансирањето, Националниот портал за е‑услуги бележи пораст на користењето: во октомври биле регистрирани 30.040 трансакции, со што е надминат претходниот рекорд од околу 29.000 во септември. „Во октомври на Националниот портал за е-услуги беа регистрирани 30.040 трансакции, надминувајќи го претходниот рекорд од околу 29.000 во септември. Како што истакна министерот Андоновски, меѓу нив предничат услугите што се достапни и преку „м.Услуги““, стои во одговорот на Министерството.

Министерството предупредува дека практичната примена на дигиталните лични документи ќе зависи од техничката и правната подготвеност на институциите. За полициските контроли сè уште е неопходно носење на физички лични карти и возачки дозволи; електронските верзии ќе може да се користат за таа намена откако МВР ќе ги воведе потребните системи за проверка и ќе се прилагодат соодветните подзаконски акти.

„Апликацијата „м.Услуги“ забележа над 22.000 преземања само во првите 24 часа од нејзиното пуштање во употреба, што покажува значителен интерес кај граѓаните за пристап до личните документи и јавните услуги преку мобилен телефон“, наведуваат од Министерството.

Од аспект на безбедноста, Министерството го опиша моделот како повеќеслоен: дигиталниот паричник е поврзан со eID‑профилот на корисникот и е заштитен со личен шестцифрен ПИН‑код. „Податоците се разменуваат преку шифрирани комуникациски канали и контролирана, заштитена инфраструктура. Пристап до нив имаат овластени компоненти и сервиси, според однапред дефинирани протоколи за размена“, објаснуваат од Министерството.

Во случај на изгубен или украден телефон, документите во заклучениот дигитален паричник остануваат заштитени со личниот ПИН‑код на корисникот, велат од Министерството. Сè уште не се објавени податоци за независни безбедносни тестирања или евентуални обиди за неовластен пристап.

По почетниот интерес ќе остане да се види дали броeт на симнувања ќе премине во редовна употреба и колку брзо институциите ќе ги усогласат техничките решенија и правилата за да прифатат дигитални документи во секојдневните административни постапки.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи