Ескалираат студентските протести во Тирана, премиерот Рама ја отфрли оставката
Трет ден протести во Тирана на 15 октомври прерасна во судири со полицијата и уништување на јавни објекти.

Десетици илјади студенти во четвртокот (15 октомври) трет ден по ред излегоа на улиците во Тирана за да го изразат своето незадоволство од високите трошоци за образование и од, како што велат, раширената корупција и непотизам во земјата.
Нереди и пожари во центарот на Тирана
Протестите еруптираа кога полициските сили употребија водени топови и солзавец против демонстрантите, а на улиците останаа изгорени мотоцикли и автомобили, запалени контејнери, искршени автобуски станици и оштетени семафори.
Во немирите, дел од демонстрантите запалиле зграда на Министерството за образование и две банки и фрлале камења кон полицијата. Седницата на албанскиот парламент беше откажана откако дел од демонстрантите успеале да ја пробијат капијата на законодавната зграда. Според извештаите, оштетени биле најмалку осум државни институции.
Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ пружил помош на 23 повредени полицајци, пет демонстранти и еден случаен минувач, додека полицијата соопшти дека се приведени 35 лица.
Премиерот Еди Рама, обиколувајќи ги оштетените објекти, ја отфрли можноста за оставка и истакна дека „Овие урнатини не се од рацете на студентите. Студентите ја претставуваат иднината, тие се оние кои гледаат напред. Студентите се добредојдени тука и ние секогаш сме подготвени да седнеме со нив за да разговараме, да дискутираме и да најдеме решенија за проблемите што ги мачат. Ова е од рацете што се обидуваат да ја срушат Албанија секој пат кога Албанија се обидува да се издигне“, додавајќи дека „Моја одговорност е да слушам, да се осврнам на легитимните загрижености и да ја водам Албанија напред. Другата опција би била да ги предадам Албанците кои ми дадоа силен мандат да ги завршам преговорите за членство во ЕУ“.
Канцеларијата на Европската Унија во Албанија преку соопштение ги осуди ескалацијата на насилството и уништувањето на јавниот и приватниот имот. Организаторите на протестите наведуваат дека главните барања се намалување на трошоците за студирање, подобрување на условите на универзитетите, зголемување на финансиската поддршка за студентите и подобри можности за вработување, како и остри критики за корупцијата и начинот на кој се води земјата.
Лидерот на опозиционата Демократска партија, Сали Бериша, ги повика наставниците и универзитетските професори да им се придружат на студентите и рече дека демонстрациите се „ослободителен бунт“ за Албанија. „Ги повикувам наставниците и универзитетските професори да застанат покрај своите ученици и студенти и да запомнат дека првата лекција, основниот принцип на нивната мисија, е дека мора да бидат со нив во сите околности“, рече Бериша, додавајќи обвиненија за злоупотреба на власта и корупција кон владата и предупредувајќи дека обидите за заплашување на студентите нема да останат без последици.
Фото: EPA/MALTON DIBRA


