ЕСМ потпиша тригодишен договор за набавка јаглен од рудникот Обилиќ
Тригодишниот договор обезбедува околу три милиони тони од рудникот Обилиќ по фиксна цена од 24,4 евра/тон и најавува дополнителни 800 GWh и намалување на CO2.

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) потпиша стратешки договор со косовската државна енергетска компанија KEK за набавка на висококвалитетен јаглен од рудникот Обилиќ, информира компанијата.
Договорот следува по интензивни преговори меѓу двете државни компании и е донесен врз основа на Одлука на Владата, со цел да се обезбеди сигурно и континуирано снабдување на јаглен за производство на електрична енергија.
„АД ЕСМ доби концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани. Партнерството предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба“,
информира АД ЕСМ.
Очекувани економски и еколошки ефекти
Од компанијата посочуваат дека договорот ќе ја заштити домашната енергетска рамка од недостаток на квалитетен јаглен и од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергенсите на меѓународните пазари. „Согорувањето на косовскиот јаглен значително ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните. Ова директно ќе донесе дополнително годишно производство од 800 гигават часови електрична енергија и приход од околу 57 милиони евра. Финансискиот ефект дополнително ќе се подобри со заштедите од намалената потреба за користење мазут при согорувањето. Воедно, државата ќе оствари и индиректни еколошки придобивки и финансиски заштеди, со годишно намалување на CO2 емисиите за 923 000 тони поради помалку согорен јаглен и за уште 55 980 тони поради намалената употреба на мазут. Имајќи во предвид дека околу 70 отсто од вкупното годишно производство на електрична енергија, во моментов, но и во наредните три години ќе ни доаѓа од термоелектраните, со потпишувањето на договорот, АД ЕСМ обезбедува релативно долгорочна енергетска безбедност и стабилност за граѓаните и за индустријата“,
велат од ЕСМ.
Директорот на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, соопшти дека најдоцна до крајот на август ќе биде објавен оглас за избор на економски оператор кој во следните три години ќе го реализира ископот, анализата на квалитетот и утоварот на јагленот во рудникот Обилиќ, како и транспортот, шпедицијата и истоварот на јагленот на депониите во ТЕ Битола и ТЕ Осломеј.
Според ЕСМ, договорот е наменет да им обезбеди на термоелектраните стабилен влез на гориво по фиксна цена и со тоа да ја намали изложеноста на флуктуации на меѓународниот пазар, при што се очекува повисока ефикасност и помала употреба на мазут.
Фото: АД ЕСМ